Ученици и родители споделија свои лични искуства за врсничкото насилство што е присутно во училиштата и што, во најголем дел, се случува на Интернет, каде што се споделуваат невистини, недолични фотографии, кои потоа се исмеваат, што влијае на менталното здравје на младите. Со цел да се превенираат онлајн насилството и говорот на омраза, УНИФЕФ и Фондацијата „Телеком за Македонија“ почнуваат двегодишен проект и кампања за спротивставување на врсничкото насилство онлајн и за промовирање човечност и љубезност во дигиталниот свет

– Јас се викам Роберт, имам 13 години и обожавам да играм видеоигри со моите пријатели, но еден ден се случи нешто што воопшто не го очекував. Кога играв со моите пријатели, еден од нив ми прати закана. Ми кажа дека ако не му дадам нешто скапоцено од играта, ќе ме исмејува пред сите и ќе кажува лаги за мене. Тој го стори тоа.

– Јас сум Андреј и имам 14 години. Пред неколку месеци, дознав дека некој направил лажен профил и дека ги користел моето име и мои фотографии и дека од тој профил им пишувал многу навредливи пораки на моите пријатели, кои мислејќи дека сум јас, ми се налутија.

– Се викам Ангела. Еден ден дознав дека моите соученици направиле приватна група на социјалните мрежи и почнале да пишуваат лоши работи за мене. Праќаа мои фотографии и пишуваа лоши коментари за мене. Најпрвин започнаа да прават мимови, но тоа не беше доволно, па започнаа да се шират повеќе коментари и повеќе не знаев што да правам. Бев навистина понижена и не сакав повеќе да одам на училиште.

Овие искази се вистинити, а беа кажани од Роберт, Андреј и од Ангела, во име на нивните врсници што се соочиле со непријатни моменти на Интернет што прераснале во интернет-насилство, на настанот организиран од УНИЦЕФ и од Фондацијата „Телеком за Македонија“, по повод Меѓународниот ден за побезбеден Интернет.

Свои искуства споделија и присутните родители, кои раскажаа со каков говор на омраза се соочуваат нивните деца во училиште и дека не биле разбрани од наставниците и од психолозите. Исто така, две ученички, преку лични примери, зборуваа за врсничкото насилство што го доживеале на училиште од своите другари, и повторно не биле преземени никакви мерки за негово спречување. 

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, рече дека целта на новото партнерство со Фондацијата „Телеком за Македонија“ е да се создаде движење преку кое ќе се борат младите за Интернет без врсничко насилство и говор на омраза преку едукација, кокреација и конкретни акции предводени од младите, како застапници што ќе ги инспирираат и другите да се приклучат и да го прошират движењето во целата земја.

– Преку ова партнерство, се стремиме да им дадеме на децата моќ, простор и алатки заеднички да создаваат иницијативи што одговараат на нивното сопствено искуство и се во линија со нивните секојдневни борби на Интернет. Нашата цел е да им понудиме на девојчињата и на момчињата социјални вештини и стратегии за справување, да ја градиме нивната отпорност и воедно да ја подигнеме јавната свест за последиците од онлајн врсничкото насилство врз физичкото, менталното и емоционалното здравје – рече Милер.

Никола Љушев, претседател на Фондацијата „Телеком за Македонија“, истакна дека сакаме да создадеме движење во кое ќе му се спротивстават децата на врсничкото насилство онлајн и ќе промовираат човечност и љубезност во дигиталниот свет.

– За нас е многу важно секој да има пристап до можностите на дигиталниот свет, а омразата на Интернет ги загрозува сигурноста, почитта и инклузивноста на овој простор. Овој негативен феномен особено влијае на младите луѓе, кои се најмногу засегнати. Во оваа значајна фаза од нивниот личен раст и развој, наша одговорност е да ги научиме како да ѝ се спротивстават на омразата и да станат двигатели на позитивна промена – истакна Љушев.  

Ќе биде објавен отворен повик до децата и до адолесцентите да се вклучат во врсничката програма и во активностите за социјална мобилизација, кои ќе се спроведуваат во партнерство меѓу Сојузот на извидниците на Македонија и УНИЦЕФ.

И „А1 Македонија“ го одбележа Денот на побезбеден Интернет 2025 со најава за масовни предавања во училиштата во целата земја, како дел од програмата „Интернетот не е само игра. Кликај безбедно“, наменета за учениците од четврто одделение. Вчера, волонтерите на А1 држеа час во дури 19 училишта во земјава, обезбедувајќи им на учениците знаење и вештини неопходни за побезбедно и одговорно однесување во дигиталниот свет.

– Седум години во континуитет ги спроведуваме едукативните работилници, кои опфаќаат теми како заштита на личните податоци, што е сајбер насилство, но и важноста на здравото онлајн однесување. Продолжуваме со нашата мисија да го шириме знаењето за безбеден Интернет – изјави менаџерката Бранкица Толевска.

Денот на побезбеден Интернет, кој глобално се одбележува на 11 февруари, ја нагласува важноста од создавање побезбедна онлајн средина за сите, особено за децата и за младите. Темата за оваа година, „Заедно за подобар Интернет“, се фокусира на прашањето како да се заштитиме себеси и другите во интернет-просторот и каква поддршка е достапна.

(С.Би.)

ИЗДВОЕНИ