Граѓаните на Македонија, Србија и Албанија  веќе две недели  преку проектот Отворен Балкан имаат можност да добијат слободен пристап до пазарот на трудот во овие три земји. Од македонската Влада информираа дека за 15 дена се издадени над 2.000 сертификати. Дел од македонските работодавачи се загрижени, бидејќи како што велат можно е нашата квалитетна и квалификувана работна сила да замине во странство, а да ни дојде евтина и неквалификувана. Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, за весникот ВЕЧЕР вели дека во Отворен Балкан и не гледа некој голем проблем, проблем е што нема стратегија како да се задржи во земјава младиот едуциран кадар

 

 

Граѓаните на Македонија, Србија и Албанија веќе две недели  преку проектот Отворен Балкан имаат можност да добијат слободен пристап до пазарот на трудот во овие три земји без да се заморуваат со барање за добивање на работна дозвола. Во моментов според податоците на Државниот завод за статистика, нешто повеќе од 100 илјади лица во земјава се невработени од сите профили, кои сега ќе можат слободно да бараат вработување надвор од земјава, а нивните професии и дипломи ќе бидат признаени. Тие, исто така, слободно можат да изберат каде ќе живеат во иднина. Проектот е во согласност со мисијата за  заедничка соработка, како и спроведување на четирите слободи, слободата на движење на луѓе, стоки, капитал и услуги.

Од македонската Влада  информираа дека за 15 дена се издадени над 2.000 сертификати, идентификациски броеви во сите земји кои се дел од Отворен Балкан. Со помошта на овие сертификати работната сила од Македонија, Србија и Албанија има слободен пристап до пазарот на труд. Мерката стартуваше од 5 март годинава, кога и се потпишаа Протоколите за Слободен пристап до пазарот на труд во овие три земји.

-Преку оваа мерка за да добијат дозволи за работа и престој, граѓаните на Србија, Македонија и Албанија повеќе не мораат да губат време одејќи во институциите, како што се МВР и Канцеларијата за вработување, туку целиот процес се одвива електронски, со еден клик, а на крајот се добива потврда врз основа на која може да се бара работа – велат од Владата.

Но, сè уште не се знае од овие 2.000 апликации колку се од Македонија, а колку од Србија и Албанија. Не се знае ниту колку граѓани од овие земји побарале потврда за пристап до македонскиот пазар на труд. Исто така се нема информации за профилот на работниците од регионот кои сакаат да најдат работа преку „Отворен Балкан“.

Дел од бизнис-секторот, пак, стравуваат дека тоа може да биде удар и за македонската економија. Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски вели дека економијата има корист бидејќи се укинати бирократските процедури, па работниците полесно ќе можат да мигрираат од земја до земја, а компаниите полесно би издавале работни дозволи за своите вработени.

Прв кој ја доби електронската потврда – Идентификациски број на Отворен Балкан е претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, со што може да работи и да живее и во Северна Македонија и Албанија.

-Од 5 март, преку порталот www.euprava.gov.rs, сите граѓани на Србија ќе можат да го креираат својот матичен број на Отворен Балкан по едноставна процедура, што е предуслов за поднесување барање за слободен пристап до пазарот на труд во Северна Македонија или Албанија, соопштија деновиве  од Стопанската комора на Србија (ПКС).

Дел од Македонските работодавачи се загрижени, бидејќи како што велат можно е нашата квалитетна и квалификувана работна сила да замине во странство, а да ни дојде евтина и неквалификувана. Според нив ова може дополнително да ја продлабочи кризата со недостаток на кадар. Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, за весникот ВЕЧЕР вели дека во Отворен Балкан и не гледа некој голем проблем, бидејќи по структурата сите три држави сме слични.

-Отворен Балкан не е проблем за Македонија, проблем е што младите образовани кадри ни заминуваат на работа во земјите од ЕУ. Преку овој проект  од Македонија во Србија ќе заминат стручни и образовани кадри, а од Албанија кај нас ќе дојдат земјоделски и градежни работници. Така беше и до сега овие сезонски работници, работеа во Македонија, но само со туристичка виза, а сега ќе имаат можност да имаат работна дозвола – вели Димитров  и дополнува дека најголемиот проблем е што младата генерација не може да се задржи во земјава, пред сè заради ниските плати. 

Замислата е да се обезбеди напредок и економски просперитет, земајќи ја предвид важноста на мобилност и на движењето на работниците, а почитувајќи ја имплементацијата на правото на ЕУ во областа на слободното движење на работниците и подготовката за поблиска интеграција на единствениот пазар на ЕУ.

– Праксата покажува дека штом еднаш ќе се излезе од Македонија, квалификуваната работна сила веќе не се враќа. Најчесто нашите работници заминуваат онаму каде што платите се повисоки, а тоа се поразвиените земји дополнува Димитров.

За оние кои што сакаат да бидат дел од овој проект одговорни институции се Министерството за информатичко општество и администрација преку порталот uslugi.gov.mk, во делот на издавање Идентификациски број за Отворен Балкан, Министерството за внатрешни работи во делот на издавање матичен број за странци и центрите на Агенцијата за вработување во делот за издавање сертификат за слободен пристап до пазарот на труд, со кој се овозможува вработување во Македонија.  (В.Ма.)