Младите на Тик Ток влегуваат од глупост во глупост – труење за лајкови не е забавно

НОВ ПРЕДИЗИК СО ПАРАЦЕТАМОЛ, ЛЕКАРИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ ДЕКА Е ОПАСЕН ПО ЖИВОТ

1373

 

 Новиот предизвик на социјалната мрежа TikTok со лекот против болки  парацетамол предизвика нова грижа кај родителите. Докторите  предупредуваат на последиците по живот од овој опасен тренд што се шири кај учениците. Наставниците велат дека родителите имаат одговорност да седнат и да разговараат со децата за тоа што се случува на TikTok, дека овие работи се неразумни и не се забавни и да не потпаѓаат под притисокот од врсниците дека треба да го прават предизвикот. На Клиниката за токсикологија засега нема случај на труење со парацетамол како резултат на новиот предизвик кај младите. Министерот за дигитализација, Стефан Андоновски изјави дека до забрана на платформата Тик Ток би дошло доколку некоја појава „од инцидент прераснува во пракса“. Надлежните ги повикуваат и аптеките да бидат особено внимателни кога им даваат парацетамол на младите луѓе

Во новиот тренд што се шири на социјалните мрежи, младите земаат натпросечни количини на лекот против болки парацетамол и потоа го снимаат дејството што им го предизвикува. Лекарите предупредуваат на овој опасен по живот предизвик на Тик Ток, што пак предизвика нова грижа кај родителите.

– Нова опасност им се заканува на нашите деца. Експериментот со „парацетамолот“ е исклучително опасен и може да заврши со тешко неповратно оштетување на црниот дроб или смрт. Токсичната доза изнесува  5 до 15 грама или 10 до 30 таблети од 500 милиграми или  смртна доза е 20-25 грама, напиша директорот на Клиниката за токсикологија доктор  Андон Чибишев на „Фејсбук“.

Целта на таканаречениот предизвик со парацетамол е да се преживее највисоката можна доза. Ако дозата на парацетамол намерно се надмине повеќекратно, тоа може да предизвика непоправлива штета на црниот дроб или да доведе до смрт, предупредуваат лекарите.

-Од почетокот на оваа година, на платформата „Тик Ток“ кружи нов многу опасен предизвик меѓу младите, внесување големи дози „парацетамол“. Почитувани, колку и да звучи чудно, труењата со „парацетамол“ се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Дури и мали дози 10-15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб. 20-40 таблети предизвикуваат сериозни труења и оштетувања на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт, дури и при интензивно лекување, напиша доктор Нико Беќаровски на Фејсбук и советува ако сепак се случи труење, а не се поминати 2-4 часа, веднаш да се дадат 10 таблети медицински јаглен и АЦЦ – 2 кесички и да се побара лекарска помош.

Дополнителна опасност е тоа што симптомите кои укажуваат на оштетување на црниот дроб ќе се појават само 24 до 48 часа по предозирањето, објаснуваат лекарите. Дотогаш веќе би можело да биде доцна за противотров – во најлош случај, единствената опција би била трансплантација на црн дроб.

На Клиниката за токсикологија засега нема случај на труење со парацетамол како резултат на новиот предизвик кај младите. Надлежните ги повикуваат и аптеките да бидат особено внимателни кога им даваат парацетамол на младите луѓе.

Гледајќи ги видеата на Тик Ток, се заклучува дека натпреварот е во најдолгото играње под дејство на лекот. Родителите имаат одговорност да седнат и да разговараат со децата за тоа што се случува на Tик Ток, дека овие работи не се забавни, некој може да умре, не е разумно да го прават ова, и да не го чувствуваат притисокот од врсниците дека треба да го прават предизвикот, вели одделенска наставничка во разговор со весникот ВЕЧЕР

-Се разбира, ова е загрижувачко. Тоа ги загрозува животите на младите и мислам дека тие не разбираат дека забавата може да биде многу кобна, изјави загрижен родител.

Како и другите опасни тестови на храброст, „Парацетамол предизвик“ доаѓа од САД, а масовно се прифаќа од младите во Европа.

Од министерството за дигитализација велат дека до забрана на платформата Тик Ток би дошло доколку некоја појава „од инцидент прераснува во пракса“.

-Доколку забележиме дека тоа од инцидент станува редовна практика, како што стануваат нелегалните онлајн коцкарници, тогаш ќе пристапиме кон забрана. Но, не сакам да излегувам со различна изјава секоја недела и да го менувам ставот во зависност од тоа каков предизвик се појавил и на која социјална мрежа. Кога ќе видиме дека тоа прераснува во пракса, стои на располагање алатката за забрана, изјави министерот Стефан Андоновски.

Последниот тик ток предизвик со пиење на парацетамол се смета за една од поопасните ,,игри,, кои ги прифаќа македонската младина, по супермен и тој со задушување . Неодамна тинејџер од Волково почина од струен удар откако се качил на вагон-цистерна  заради видео на социјалните мрежи. (П.А)

 

ИЗДВОЕНИ