Повеќе од дваесет сребрени, бронзени медали… освоија учениците на тешките натпревари по физика, хемија, математика, информатика, природни науки, геонауки… минатата година. Им се обративме за да ги прашаме што е тоа што посакуваат да ѝ се случи на Македонија годинава и каде се гледаат себеси во наредните 15 години. Еве што ни одговорија тие: |
Повеќе од дваесет медали извојувани на најпрестижните и најтешки светски, европски и балкански олимпијади и првенства се она што ѝ го донесоа младите средношколци на својата татковина. Сребрени, бронзени медали, плакети… освоија на тешките натпревари по физика, хемија, математика, информатика, природни науки, геонауки… во конкуренција на ученици од десетици други земји во кои образовните услови се далеку подобри од нашите. Но, талентот што го имаат, упорното вежбање, посветеноста на нивните ментори на крајот донесоа големи успеси, нивно качување на победничкиот пиедестал. Со тоа, во текот на годината што измина, ѝ ги донесоа најубавите подароци на својата земја. Тоа беше и причината за желбата на ВЕЧЕР да им се обрати на овие најдобри ученици за да ги праша што е тоа што посакуваат да ѝ се случи на Македонија годинава и каде се гледаат себеси во наредните 15 години. Голем дел од нив прифатија да ни одговорат на овие прашања, дел не можеа да стигнат да одговорат поради обврските што ги имаат. А, од нивните одговори зрачат речиси неподелени желби: Македонија во 2025 година да стане подобро место за живеење во кое ќе се цени квалитетот и ќе се стимулираат младите за да останат во неа, што им е голема желба на најголемиот дел од нив.
Такви желби слушнавме најпрвин од Никола Стојковски, ученик во прва година во ДСУ „Математичко-информатичка гимназија“. Тој минатата година беше најтрофеен, освои дури три бронзени медали на тешки натпревари: на Јуниорската олимпијада по природни науки во Романија, на Европската олимпијада по информатика во Молдавија и на Балканската математичка олимпијада во Турција.
– Најважно за мојата татковина е нејзините граѓани да бидат среќни и задоволни, да живеат во благосостојба, а државата да биде во мир и убаво место за живеење. Очекувам за 15 години да имам завршено факултет во некоја област од програмирањето или од мехатрониката. Најверојатно, би останал во Македонија да студирам, но ако ги немам можностите, би отишол во некоја држава на Исток или на Запад. Сега-засега, не знам во која струка ќе завршам, но би требало да бидам вработен некаде, со мали шанси и самиот да сум претприемач или самовработен. Не би сакал да живеам во странство, својата иднина ќе ја најдам во Македонија – вели Никола.
На Европската олимпијада по информатика, бронзени медали, заедно со Никола, добија и Марко Кренков и Владимир Грчев. Марко, кој е ученик во деветто одделение во основното училиште „Видое Подгорец“ во Струмица, ни кажа дека ѝ посакува напредок на својата татковина, но и следниот пат да освои најмалку сребрен медал.
– Би сакал уште повеќе да се зголеми ангажираноста на сите во Македонија во развојот на сите натпреварувачки полиња. Мислам дека Македонија има голем потенцијал и може значително да напредува. Инаку, во иднина би сакал да продолжам со информатиката. Би сакал да студирам во странство поради подобрите услови и можности што се нудат таму. Сметам дека ќе научам многу повеќе во странство. Петнаесет години отсега се гледам како личност што ќе придонесува во областа на информатиката и се надевам дека Македонија ќе има еднакви услови за развој во областа на информатиката како и во странство – вели Марко.
Владимир Грчев, кој е ученик во деветто одделение во ОУ „Братство“ во скопски Карпош, ни одговори дека би сакал Македонија да стане како секоја друга нормална држава, каде што образованието и здравството се на прво место.
– Во 2025 година, очекувам надлежните во државата барем малку да ни обрнат внимание и да ни дадат поддршка, бидејќи ние сме иднината. За жал, поради моменталната состојба, желба на повеќето млади им е да ја напуштат државата, но, за мене, тоа е мотивација да останам тука. Иако сум многу млад, за мене, мојата татковина е нешто особено и незаменливо. Без размислување можам да кажам дека и по 15 години ќе живеам во Македонија, со моето стекнато домашно и странско искуство – образование и ќе можам да придонесам нашата татковина да биде подобро место за живеење – ни кажува Владимир.
Од најпрестижниот натпревар по хемија, од Меѓународната олимпијада што се одржа во Саудиска Арабија, учениците Петар Мирчевски и Марио Ванчоски донесоа сребрен и бронзен медал. Петар, кој учи во прилепската гимназија „Мирче Ацев“, посакува Македонија во следната година да го подобри образованието.
– Да ги стимулира младите, затоа што ние сме иднината на нашата татковина. Со подобрување на образованието, економијата и на животниот стандард, би се намалила емиграцијата на младите. Така ќе може ние да напредуваме уште повеќе. По 15 години, се гледам како успешен човек, научник, инженер, кој го продолжува своето проучување на хемијата. За ова знаење е потребен целиот свет, не само Македонија, па искуството од врвните е многу есенцијално и корисно. Затоа моите амбиции ме носат некаде подалеку – ни вели тој.
Марио, ученик во четврта година во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“, пак, би сакал да живее и да работи во Македонија.
– Во претстојната година, сакам во Македонија да се подобри образовниот систем и да достигне едно повисоко ниво. Иселените млади да се вратат и овде да продолжат да творат и да постигнуваат успеси. Високото образование по хемија сакам да го продолжам во Скопје, а по неговото завршување, можеби, да го продолжам во странство, но, сепак, би сакал да се вратам во Македонија и тука да живеам и да работам – вели тој со надеж дека ќе работи во некоја македонска хемиска компанија.
Емилија Николовска, која сега студира во Германија и која, како матурант, освои сребрен медал на Светската олимпијада по физика во Иран, не ја исклучува можноста да работи во Македонија.
– Во иднина, верувам дека ќе живеам надвор од Македонија, првенствено поради тоа што сакам да патувам и да го осознавам светот со сите култури и начини на живот. Сакам да ги завршам додипломските студии, да добијам титула магистер и доктор во некоја од областите на физиката, иако сè уште не знам каде. Сепак, не ја исклучувам можноста, доколку еден ден ми биде понудена соодветна работа и професија, да се вратам во Македонија, каде што, заедно со други исклучителни научници, ќе можам да го искористам знаењето што ќе го стекнам во текот на студиите, а воедно ќе бидам со блиските и ќе се служам со мојот мајчин македонски јазик – кажува Емилија.
Нашите ученици освоија грст медали и на Светската олимпијада по геонауки во Кина. Михаела Павловска, ученичка во втора година во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, донесе сребро. Ивана Атанасовска, трета година во прилепската гимназија „Мирче Ацев“, и Милена Ангелова, втора година во СОУ „Методиј Митевски-Брицо“ – Делчево, се закитија со бронза. Михаела ни рече дека посакува в година Македонија да воспостави систем што ќе ги вреднува достигнувањата на своите државјани, пред сè млади лица ученици и студенти, на државно и на меѓународно ниво.
– Систем што ќе доведе до подигање на свеста на младите лица дека нивната иднина е овде, во Македонија. Би сакала моите живот и кариера да ги градам во Македонија доколку ми се овозможат услови да ги продолжам афинитетите во геофизиката. Повеќе од јасно е дека Македонија, сега-засега, не е во можност да им излезе во пресрет на моите желби и очекувања. Но, со оглед на времето, се надевам дека кога ќе дојде периодот за одлуки, многу работи во државата ќе се сменат – се надева Михаела.
Ивана вели дека посакува државата да ги поткрепи најдобрите ученици. Смета дека не се посветува доволно внимание на тоа.
– Мојата желба е да им се даде неопходната поддршка на таквите ученици, главно финансиска, меѓутоа и да им се овозможи уште повеќе да ги развиваат своите интереси. Да бидам искрена, сѐ уште не сум одредила што точно ќе работам. Да ме прашаа минатата година, со сигурност ќе кажев дека сакам да заминам одовде што побргу, но сега како да се премислувам. Македонија ми станува уште помила и сакам, доколку можам, се разбира, да придонесам за некоја промена. Сакале или не, ние сме Македонци и жал ми е што не се трудиме да ја направиме Македонија земја во која ќе сакаме да одиме, земја во која ќе сакаме да живееме. Така што за 15 години се гледам себеси тука, во Македонија, но во подобра и поразвиена Македонија – вели Ивана.
Зајакнување на македонската економија посакува Милена Ангелова, со што Македонците ќе гледаат светла иднина тука наместо на некое далечно место. Таа порачува дека ние ја градиме иднината со заедничка борба и посветеност.
– Само така Македонија ќе заблеска на светската сцена. Токму поради тоа, мојата иднина ја гледам тука. Можеби, факултетот ќе го завршам во друга држава, додека нашата Македонија прави напори да го подобри образовниот систем. Моментална желба ми е да завршам стоматолошки факултет, а по него и специјализација за да се збогатам со повеќе вештини и за да изградам успешна кариера. За 15 години се гледам во моја стоматолошка ординација, со насмеани и задоволни пациенти, но тука некаде ја гледам и поддршката од мојата фамилија – ни вели таа.
Андреј Тасиќ, ученикот во ПСУ „Јахја Кемал“ што освои бронза на Светската олимпијада по природни науки, ни рече дека би сакал повеќе да се цени науката во нашата држава.
– Поради тоа, многу млади заминуваат во други држави да студираат и да работат. Иднината на нашата едукација, медицината, севкупниот напредок на нашата држава најмногу зависат од тоа. Би сакал да се зголеми вниманието кон науката, да добие поголема поддршка од државата. Инаку, студирањето математика и/или физика на некој престижен универзитет е една од моите желби. За 15 години би сакал Македонија да ги нуди можностите што би ми биле потребни да останам овде и да придонесувам за неа – вели тој.
Неговиот брат, Алексиј Тасиќ, ученик во „Јахја Кемал“, кој освои бронза на светскиот натпревар по математика, вели дека очекува наместо да се напаѓаме за секоја одлука, заедно да бараме решенија во светло на подобрување на заедничкиот живот.
– Еден начин да се почне ова е со слушање и почитување на мислењето на народот. Затоа посакувам годинава нашите водачи да се фокусираат на подобрувањето на нашите животи преку еден нов поглед: благодарност кон луѓето. Моите интереси секогаш се адаптираат на околностите во кои се наоѓам. Можеби, ќе станам математичар или научник, а, можеби, ќе ги поведам кочиите во друг правец, како лидер или водач. Но, ќе кажам едно: мојот правец ќе биде одреден од тоа каде можам да дадам најголем придонес кон човештвото, светот и мојата татковина.
Тони Лазов: Иднината ја гледам во Македонија
И Тони Лазов, кој годинава постигна голем успех освојувајќи сребрен медал на Шаховската олимпијада во Будимпешта, ја гледа својата иднина во Македонија.
– Моите професионални желби ги насочувам кон условите за работа на професионалните спортисти. Се надевам дека ќе дојдат подобри денови за професионалните спортисти во Македонија. За 2025 година, се надевам дека ќе има слух навремено да се поддржат и професионалните спортисти, кои потенцијално може да донесат врвен успех за Македонија на меѓународните натпреварувања. Кога размислувам долгорочно, за 15 години јас се гледам себеси во нашата преубава Македонија. Секој од нас, како поединец, е должен да придонесе некако за општеството и за државата – ни рече Тони.
Андреј Стојановски, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“, кој освои бронзен медал на Олимпијадата по физика во Иран, пак, посакува во рамките на образованието, да постојат повеќе практични вежби и посовремени лаборатории со најновите инструменти.
-Исто така, би бил многу радосен кога би имало промени во нашето однесување кон природата, со тоа што ќе се зголеми свеста кај нас за одржување на животната средина и секојдневна грижа за чистотата во нашата земја. Тој додава дека како матурант, следната учебна година ќе се запишам на ПМФ, на смер теориска физика. -Во текот на моето студирање, би сакал да одам на студентски размени, во повеќе држави, за да стекнам нови искуства. Би сакал моето образование да го продолжам на магистарски и докторски студии, а се гледам како иден професор, бидејќи верувам дека знаењето е моќ, а споделувањето на знаењето е најмоќно од се. Сеуште не знам каде ќе бидам за 15 години, бидејќи гледаме колку брзо се менуваат трендовите во светот и не знам по кој пат ќе ме однесат истите, ни рече Андреј.
(Б.Ѓ.)