Во Македонија, официјално околу 100 илјади лица се невработени, но во реалноста бројот е помал, бидејќи најголем дел од нив работат во странство, како сезонски работници. Ако се отворат сајтовите за вработување ќе се согледа дека најмногу се бараат работници во угостителството, рестораните и хотелите, работници во магацин, но и менаџери на продажба, пица- мајстори, возачи, хигиеничари, градежници, бармени, но и болничари, лица што се грижат за стари лица и фармацевти.
Има недостиг на работна сила речиси во сите сектори. Иако просечната плата во земјава се искачи на 40.000 денари, а минималната е 22.500 денари, сепак, се бара вработување надвор од земјава – во регионот, но и во земјите на ЕУ.
Најголемиот дел од нашата работна сила флуктуира во земјите како Хрватска, Србија, Словенија, каде што просечната плата е околу илјада евра. Постојат бројни анализи за состојбите на македонскиот пазар на труд, но меродавни се анализите што периодично се подготвувани од државните статистичари.
Државниот завод за статистика, анализирајќи го пазарот на труд за последното тромесечје, утврдил дека во Македонија има точно 1.515.627 работоспособно население на возраст над 15 години, од кои мажи се 745.360, а жени 770.267 лица. Но, статистичарите согледале дека повеќето од половина се активно население, така што, во однос на тоа, се вели дека од 15 до 89 години бројот достигнува 790.440, од кои повеќето се мажи, и тоа 465.389, а помалку се жени и нивниот број е 325.051.
– Во Македонија, во последните месеци од 2023 година, биле вработени 687.459 лица, од кои 395.162 мажи, а 292.297 жени. Во овој ист период, невработени, на возраст од 15 до 74 години, се 102.980 лица, од нив 70.227 мажи и 32.753 жени. Но, во земјава живее и т.н. неактивно население, кое е на возраст од 15 години до над 80 години, чиј број е 725.187лица. Од нив, помалку се мажи, и тоа 279.971, а остатокот 445.216 се жени – се вели во анализата на статистичарите од Државниот завод за статистика.
Статистичарите за последното тромесечје, исто така, утврдиле дека, во Македонија, се вработени вкупно 687.459 лица во сите сектори. Најголем дел од нив, 529. 803, се вработени во приватниот сектор, а најголем дел или 157.656 лица се во државниот сектор.
Анализирајќи го овој број, може да се согледа дека во земјава, најголем број од вработените се во неколку сектори, како што е преработувачката индустрија, земјоделството, трговијата, здравството, образованието, како и во јавната администрација.
– Во преработувачка индустрија работат 140.589 лица, а во секторот земјоделство, шумарство и рибарство – 60.317 лица, од кои најголемиот дел се приватна сопственост, каде што бројот достигнал 58.347 вработени. Бројот на вработени во трговијата на големо и во трговијата на мало; поправката на моторни возила и мотоцикли достигнува 101.858 лица, додека во образованието работат 48.208 лица, а останатите 41.876 вработени се во јавниот сектор – анализира ДЗС.
Вработени во дејностите на здравствената и на социјалната заштита се 46.852 лица, од кои 18.522 се во приватниот сектор, а останатите 28.330 во државниот сектор.
Интересен е податокот што вработените во секторот информации и комуникации се вработени 19.535, но заработуваат многу повеќе во однос на секторите каде што има значителен број вработени лица. Слична е состојбата и во финансиските дејности и дејностите за осигурување, каде што до крајот на минатата година биле вработени 11.934 лица.
(В.Ма.)