Младиот Дамјан Ристоски од Трубарево, кој е апсолвент на Прирорно-математичкиот факултет, на Катедрата за етнологија и антропологија, во себе носи една невообичаена приказна и страст кон македонските традиција и фолклор. Народните носии се негова пасија и со огромна љубов зборува за нив. Тој е единствениот што има отворено дуќан што е наменет за ткаење делови од носии, а таму се продаваат и плетени чорапчиња. Се наоѓа веднаш до Театарот за деца и младинци. Во продавницата има и два разбоја, од кои едниот е стар 80 години, но и четири изложбени кукли облечени во народни носии. Може да се видат и ткаени килими, опинци, па дури и накит. Уште поинтересно е тоа што и тој знае да ткае на разбој. Додека течеше разговорот со него, во дуќанот можеше да се почувствуваат благопријатноста и топлината од тоа со какво наследство располагаме и од тоа што сè уште постојат млади луѓе што се обидуваат, на најревносен начин, да го зачуваат сето тоа
Младиот Дамјан Ристоски од Трубарево во себе носи една невообичаена приказна и страст кон македонските традиција и фолклор. Народните носии се негова пасија и со огромна љубов зборува за нив. Тој е единствениот што има отворено дуќан кој е наменет за ткаење делови од носии, а таму се продаваат и плетени чорапчиња. Се наоѓа веднаш до Театарот за деца и младинци.
Во продавницата има и два разбоја, од кои едниот е стар 80 години, но и четири изложбени кукли облечени во народни носии. Може да се видат и ткаени килими, опинци, па дури и накит. Уште поинтересно е тоа што и тој знае да ткае на разбој.
– Продавницата ја отворив со моја пријателка, на 11 декември годинава, со грант за отворање сопствен бизнис. Сакаме да ја продолжиме нашата македонска традиција, а најмногу да го зачуваме ткаењето, да не отиде во заборав, бидејќи кај нас повеќе не се ткае – со восхит раскажува Дамјан.
Ткаењето го научил од својата баба.
– Мојата баба, која е од Куманово, ме научи да ткаам. Таа имаше своја носија, спомен од младоста. Ја носела до својата 25. година, до кога била девојка, а откако се омажила, престанала да ја носи. Ткаам од 15 години. Сега најмногу ткаам за културно-уметнички друштва, и тоа платно за елеци – вели Дамјан.
Додава дека и нашите и странците се интересираат за нашите народни носии.
– И нашите што живеат во странство сакаат да имаат спомен од нашата традиција – потенцира Дамјан.
Цената по која се продаваат носиите варира. Така, доколку сака некој да купи кошула, елек, појас и скутина, тоа ќе го чини 100 евра.
Дамјан нагласува дека најмногу се бараат носии од скопскиот, кумановскиот крај и од Овчеполието.
Додека течеше разговорот со него, во дуќанот можеше да се почувствуваат благопријатноста и топлината од тоа со какво наследство располагаме и од тоа што сè уште постојат млади луѓе што се обидуваат, на најревносен начин, да го зачуваат сето тоа.
Освен што изработуваат делови од народни носии, тие и купуваат, а се наменети, исто така, за културно-уметничките друштва.
Она што плени кај овој млад човек е тоа што во својот дом во Трубарево има посебна соба во која чува повеќе од 100 народни носии од повеќе краеви од Македонија. Ги собирал самиот одејќи по селата низ Македонија.
– Тоа е просторија со дрвени ковчези во кои ги чувам народните носии. Мора да се внимава на температурата за да не бидат оштетни од молци и за да не избледат од сонцето – стручно објаснува Дамјан.
Дамјан им ги изнајмува овие носии, по потреба, на игроорните групи, но и на оние што сакаат да се фотографираат во нив.
Но, и самиот Дамјан е игроорец. Со невиден сјај во очите ја продлжува приказната, потенцирајќи дека игра и пее од трето одделение. Неговите почетоци во фолклорот се во ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, а сега е член на КУД „Студио Фолклор“.
Оваа приказна не завршува тука. Дваесет и тригодишниот Дамјан сега е апсолвент на Природно-матемачкиот факултет, на Катедрата за етнологија и антропологија, што сведочи дека неговата љубов кон фолклорот и желбата да ги зачува традицијата и нашето фолклорно наследство се преточиле во негова професија.
Анела ПЕТРОВА
Фото: (Ѕвонко Плавевски)