Враќањето на учениците во училиштата и меѓусебните контакти го зголемија бројот на заболени од сезонскиот грип, од вкупно 1.412 новозаболени, околу 450 се на возраст до 15 години, стои во последниот извештај од Институтот за јавно здравје за состојбата со сезонскиот грип. Најмногу заболени има во главниот град, а грипот се раширил во Кавадарци и Кратово, таму е регистрирана многу висока активност на вирусот.
– Во сезоната 2024/2025 вкупниот број на случаи на грип – заболувања слични на грипот изнесува 3.820, објавија од Институтот.
Здравствените институции очекуваат раст на заболени од грип, а пикот се очекува кон средината на февруари. Почетокот на второто полугодие за учениците и дружењето на луѓето во затворен простор поради ниските температури, се дел од факторите што придонесуваат бројот на заболени да расте во овој период.
– Секоја година се зголемува бројот на заболени од грип до средината на февруари, кога се очекува пикот. Со години тоа е така. Пикот е во втората половина на февруари. Ќе растат бројките уште, но, споредено со минатите години, нема никаква разлика во однос на тоа како е сега. Дури ако споредиме со лани, оваа година состојбата со заболени лица од грип е нешто подобра. Тоа што бројот на заболени ќе расте, не зависи само од училиштата, таква е динамиката на раст на бројот на заболени од грип, изјави, портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.
Мехмедовиќ препорачува децата кои веќе имаат развиено симптоми налик на грип, да не одат во училиште, да бидат изолирани и да пијат течности.
Во друг засебен извештај, пак, на Институтот за јавно здравје во декември се бележи пораст од близу 93 проценти на заразни заболувања. На територијата на Македонија најмногу има пријавено заболени од овчата сипаница – 1.025, а во овој период биле регистрирани биле четири нови случаи на голема кашлица. Зголемување има и на сексуално преносливите болести, еден заболен од ХИВ/СИДА починал, а регистрирани биле два нови случаи.
-Во декември, пријавени се два случаја потврдени на ХИВ, од машки пол, кои припаѓаат на возрасната група од 40 до 49 години. Регистриран е еден смртен случај од СИДА, пријавен како заболен во ноември, 2024 година, од машки пол, кој припаѓа на возрасната група од 20 до 29 години, пишува во извештајот на ИЈЗ.
– Овие бројки се сериозен показател за состојбата со заразните заболувања во земјава. Порастот на овчите сипаници, како и зголемената бројка на сексуално и крвно преносливи инфекции, бараат засилени превентивни мерки“, велат податоците од Институтот за јавно здравје.
Во споредба со истиот период минатата година, бројот на случаи на заразни болести пораснал за 4,6 %, а во однос на десетгодишниот просек, порастот изнесува 8%.
„Овој тренд укажува на потребата од редовна вакцинација и зголемена јавна свест за рано препознавање и превенција“, апелираат од Институтот.
Покрај значителниот пораст на заразни заболувања, во декември се евидентирани и 6 случаи на ковид-19.