„Емилија Перез“ (Emilia Pérez), мјузиклот на Нетфликс за транс нарко-бос во Мексико, води со 13 номинации за најпрестижната филмска награда „Оскар“ чие одржување, и покрај големото уништување на делови на Лос Анџелес од пожарите, е најавено за 2 март.

Филмот прикажува четири извонредни жени во Мексико, и секоја од нив ја бара својата среќа. Водачот на картелот, Емилија, ја ангажира Рита, потценета адвокатка, да ѝ помогне да ја лажира нејзината смрт за да може конечно да живее автентично како нејзиното вистинско јас. „Емилија Перез“ ги доби номинациите за најдобар филм, за најдобар интернационален филм, за режисер (Жак Одиар), главна актерка (Карла Софија Гаскон), споредна женска улога (Зои Салдана), адаптирано сценарио, кинематографија, шминка, монтажа, звук, за музика, како и за две песни кои се исполнуваат во филмот.

Со по 10 номинации следуваат мјузиклот „Злобница“ (Wicked) и драмата „Бруталистот“ (The Brutalist).

„Злобница“

Mјузиклот – бајка „Злобница“ се закити, пак, со номинации за најдобар филм, за главна актерка (Синтија Ериво), за споредна женска улога (Аријана Гранде), за монтажа, сценографија, костими, шминка, визуелни ефекти, музика и звук. Остварувањето ги прикажува Елфаба, погрешно разбрана млада жена поради нејзината зелена кожа, и Галинда, популарна девојка, кои стануваат пријателки на Универзитетот Шиз во земјата Оз. По средбата со прекрасниот волшебник од Оз, нивното пријателство доаѓа до крстопат.

„Бруталистот“

Меѓу десетте номинации што ги доби драмата „Бруталистот“, пак, се за најдобар филм, најдобар режисер (Брејди Корбет), главен актер (Адриен Броди), најдобра споредна женска улога (Фелисити Џонс), за најдобра споредна машка улога (Гај Пирс), како и за музика, оригинално сценарио, кинематографија, монтажа и сценографија. Филмот ги прикажува архитектот визионер и неговата сопруга, кои бегаат од повоена Европа во 1947 година за да го обноват своето наследство и за да бидат сведоци на раѓањето на модерните САД, кога нивните животи засекогаш се менуваат, од мистериозен, богат клиент.

Што се однесува до актерските номинации, во категоријата за најдобар актер, покрај Броди, номинирани се и Ралф Фајнс (Конклава), Тимоти Шаламе (A Complete Unknown), Колман Доминго (Sing Sing) и Себастијан Стан (The Apprentice), а во категоријата најдобра актерка покрај Гаскон и Ериво, се и Деми Мур (The Substance), Мики Мадсон (Anora) и Фернанда Торес (I’m Still Here). Номинации за најдобра споредна машка улога, покрај Пирс, добија и Јура Борисов (Anora), Киран Калкин (A Real Pain), Едвард Нортон (A Complete Unknown) и Џереми Стронг (The Apprentice), а за најдобра споредна женска улога освен Салдана, Гранде и Џонс – Моника Барбаро (A Complete Unknown) и Изабела Роселини (Конклава).

Во категоријата за најдобра режија, пак, покрај Жак Одиар (за Емилија Перез) и Брејди Корбет (за Бруталистот) со номинација за златната статуетка се закитија и Шон Бејкер (за Anora), Џејмс Манголд (A Complete Unknown) и Корали Фаргит (The Substance).

Остварувањата „I’m Still Here“ (Бразил), „The Girl with the Needle“ (Данска), „The Seed of the Sacred Fig“ (Германија), „Flow“ од Латвија, како и „Емилија Перез“ (Франција) ќе се борат за Оскарот во категоријата интернационален филм.

А во најпосакуваната категорија, за најдобар филм, покрај „Емилија Перез“,„Злобница“ и „Бруталистот“, влегоа и насловите: „Anora“, „A Complete Unknown“, „Конклава“, „Дина: втор дел“, „I’m Still Here“, „Nickel Boys“ и „The Substance“. Во категоријата краток игран филм, пак, меѓу другите е номиниран хрватскиот „Човекот кој не можеше да молчи“ (The Man Who Could Not Remain Silent) на Небојша Слијепчевиќ.

Како што е познато, номинациите за Оскарите беа одложени двапати поради беснеењето на пожарите во Јужна Калифорнија, кои ја потресоа филмската индустрија, токму кога започна годишната сезона на награди во Холивуд. Годишниот ручек на Академијата во чест на номинираните беше целосно откажан.

Свечената церемонија, пак, за доделувањето на Оскарите по 97. пат е закажано во Долби театарот во Холивуд. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ