Страотни снимки од разорниот земјотрес од 7,7 степени според Рихтер што вчера во 14.20 часот по локалнио време го погоди Мјанмар, поранешна Бурма, го обиколија светот. Според официјалните информации, кои се многу ограничени, животот го загубиле 20-тина луѓе, но Американскиот геолошки завод (УСГС) непосредно по потресот процени дека е можно да има од 10.000 до 100.000 жртви. Голем број луѓе се заробени под урнатнини и се спроведуваат акции за нивно спасување.
УСГС објави дека епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 10 километри, 16 километри северозападно од градот Сагаинг и на околу 17,2 километри од Мандалеј, град со 1,2 милиона жители во центарот на државата и втор по големина. Околу 12 минути по првиот потрес, се случи втор во истото подрачје со јачина од 6,4 степени, а потоа повеќе послаби автершокови. Освен во Мјанмар, земјотресите се почувствувале и во Тајланд, каде се пријавени неколку жртви и поголеми штети, како и во југозападна Кина.
Во повеќе подрачја во Мјанмар е прогласена вонредна состојба, каде, според тоа што го зборуваат сведоците срушени или оштетени се многу згради, хотел, мост, детски градинки, историска палата, на некои места е оштетен автопатот, а некои возила останале заглавени на патот. Новинската агенција „Ројтерс“ јави дека според изјави на сведоци најмалку три лица загинале откако делумно се срушила џамија. Освен Мандалеј, тешко погодени од земјотресот се и Најпјудав и Сагаинг.
Информациите за ужасот во Мјанмар главно доаѓаат од граѓани, додека официјалните се многу ограничени. Причина за тоа е што воената хунта која владее со државата по државниот удар во 2021 година ги има под своја контрола сите радија, телевизии, печатени и онлајн медиуми. Користењето на интернет, исто така е ограничено. Се чини дека и комуникациските врски се во прекин, зашто како што јави Би-би-си, не успеале да се поврзат со хуманитарните организации на терен.
-Сите истрчавме од дома кога почна тресењето. Целиот мој град е на улица и никој не се осмелува да се врати во зградите, вели жител на Мандалеј, кој додава дека петкатница се срушиле пред неговите очи.
„Гардијан“ пренесува изјава на сведок, кој вели дека осум луѓе загинале, а голем број се под рушевините на зграда во изградба што паднала од земјотресот во една општина во Мандалеј.
-Целиот град Мандалеј ги почувствува последиците од земјотресот. Спасувачките екипи и болниците се преоптоварени.Се снаоѓаме со ресурсите што ги имаме во соседството, рекол тој, пренесе Индекс.хр.
Според мештаните од градот Таунгу во моментот кога се срушил манастирот Велуван во него имало шест деца и се стравува дека сите се мртви.
Водачот на хунтата, Мин Аунг Хлаинг ја посети болницата во главниот град Непјидо каде се лекуваат голем број повредени, јави новинар на АФП. Доктор од таа болница за агенцијата изјавил дека 20 лица починале.
Воената хунта во Мјанмар вчера упати редок меѓународен апел за помош и прогласи вонредна состојба во шест региони на земјата поради размерите на штетите. Исто така, се бара крв.
-Сакаме меѓународната заедница да ни даде хуманитарна помош што е можно поскоро, изјави гласноговорникот на хунтата.
Токму овој повик укажува на тоа дека катастрофата што го погоди Мјанмар има големи размери. Црвениот крст јавува дека негови тимови се обидуваат да одговорат на „големите разорувања“ во Мјанмар, но, како што пренесе Би-би-си, се соочуваат со тешкотии поради немање струја во погодените подрачја. Црвениот крст соопшти дека наспроти проблемите и понатаму собираат информации за хуманитарните потреби.
Земјотресот силно се почувствувал и во Банкгкок,главниот град на Тајланд.
– Читав порака на мобилен телефон. Бев во фотелја и одеднаш се почна да се движи напред-назад. А потоа се превртев и ја удрив главата од маса, изјави Дебора Панмачет, Американка која 28 години живее во Бангкок.
Властите на Бангкок примиле 169 дојави за оштетени згради, а железничкиот сообраќај е прекинат и би требало повторно да се воспостави во текот на денешниот ден. Потресна снимка прикажа уривање на висококатница во изградба при што загинале тројца работници, а непознат број се под рушевините. Тајландскиот министер за одбрана рече дека 90 се водат како исчезнати, но не кажа ништо за спасувачките акции. Според извештаите, кога се случил земјотресот на градилиштето имало 320 работници, а 20 од нив останале заробени во окната на крановите. Во близина е поставена теренска блница, додека спасувачките екипи се во потрага по преживеани.
Силните удари на земјотресот се почувствуваа и во неколку области на кинеската провинција Јунан, оддалеќена повеќе од 770 километри од епицентарот. Во Јунан се повредени две лица.