Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ја повика Владата да овозможи државна помош за Општина Крива Паланка, за справување со штетите од невремето кое ја зафати целата држава деновиве и кое оштети над 40 километри земјена патна инфраструктура во Општината.

– Потребни ни се помош и поддршка од надлежните национални институции и претпријатија за справување со штетите од невремето, кои Општината не е во можност сама да ги санира. Бараме владина, државна помош за брза санација и за ефикасно справување со последиците, со цел избегнување поголеми проблеми за мештаните, локалното население во руралните средини и за големиот број оддалечени села каде што се настанати штетите. Општина Крива Паланка темелно работи на овој проблем, како и на секој друг, но решавањето на настанатата состојба не е можно без неопходна поддршка од надлежните институции – рече Митовски.

Само за потсетување, во јуни 2023, година по невремето, Општина Крива Паланка со заеднички сили и државна помош, заедно со ЈП Државни патишта, со тимовите на Инженерскиот вод на АРМ, со сите локални служби и расположливи човечки ресурси, успеа навремено да ги санира штетите и да ги врати локалните патишта во првобитна состојба.

– Природните непогоди се непредвидливи, единствено што преостанува е, како носители на одговорност, секој чинител да ја прифати и со заеднички ресурси, со поддршка од државата, да се заложи за секој жител, зашто граѓаните се приоритет – потенцира Митовски.