Неодговорно е да имате опозиција којашто изминатите години апсолутно ништо не направи по однос на државниот имот и не само што не направи ништо, туку и она што беше досега направено го остави како во заборав на времето, нагласи на денешната прес-конференција владината портпаролка Марија Митева, откако оваа тема ја отвори директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски.
– Зборуваме како Влада за нешто што значи одговорност кон државниот имот, но и одговорност која што не е лична или индивидуална, туку е за потребите и намената на државата. Неодговорно е да имате опозиција која што изминатите години апсолутно ништо не направи по однос на државниот имот. Не само што не направи нешто ново, туку и она што беше досега направено го остави во незаборав на времето. Неспорен е фактот дека имаме еден претседател којшто има загинато во авионска несреќа, неспорен е фактот што имаме еден претседател врз којшто беше извршен обид за атентат и неспорен е фактот дека секоја држава треба да размислува како да ги намали овие ризици – изјави Митева.
Нагласи дека за државните интереси мора да се размислува со разум и одговорност, а не со политика.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски во телевизиско гостување во понеделникот изјави дека треба да се размислува за набавка на нов државен авион, макар и половен, зашто, како што рече, воздухопловот што моментално го имаме, има само шест седишта, непрактичен е за поголеми делегации и често се расипува.
– Ако претендираме и сакаме да бидеме сериозна држава, треба да имаме соодветен воздухоплов, а воздухопловот што моментално го имаме, има само шест седишта, непрактичен е за поголеми делегации, често се расипува и поради тоа сметам дека треба да се размислува сериозно за набавка на нов авион, можеби и половен авион, но не постар од две-три години и по тоа прашање треба да се има еден заеднички консензус опозиција -власт – изјави Томовски, посочувајќи дека се согласува оти владиниот авион „лирџет 60“ не е многу стар, купен е 2005 година и е редовно одржуван, но, потенцираше дека многу често се случуваат дефекти.