Иницијативата на Владата за разрешување на јавниот обвинител Коцевски е резултат на темелна анализа на состојбите во правосудниот систем, кои се одразуваат во негативните статистики и извештаи, истакна Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и портпарол на владата во телевизиско гостување.
Таа нагласи дека Владата има одговорност не само да ги констатира проблемите, туку и да презема мерки. Според неа, потребна е реформа во правосудството, како и решавање на проблемите со недостатокот на кадар и ефикасност во судскиот систем.
Митева изјави дека одлуката на Владата е оправдана, бидејќи е базирана на темелна анализа на последните настани и извештаи кои ја опишуваат позицијата на Македонија. Според неа, важен е проактивниот пристап, не само констатирање на состојбите, туку и преземање мерки. Митева смета дека секој во Владата треба да преземе одговорност за ситуацијата во рамките на својата функција.
„Сметам дека многу аргументи има зошто е донесена една ваква одлука на последната седница на Владата. Сметам дека е добро анализирана состојбата која што се случувала изминативе години и месеци. Сметам дека во самата најава споменавте и извештаи кои што ја рангираат Македонија или ја спуштаат едно, две, три, па некогаш и 12, 13, 15 места надолу. Сметам дека како Влада имаме одговорност да не делуваме само аналитички, не можеме само да ги констатираме состојбите и за истото да даваме сопствено мислење дали е добро или лошо без притоа да превземаме било какви чекори. И тука некаде ценам дека ваквата одлука на Владата е сосема оправдана. Мислам дека потребно е секој да превземе одговорност за состојбите кои ги има при обавувањето на позицијата која што ја врши“, рече Митева.
Митева додаде дека според статистиките за довербата на граѓаните во правосудниот систем, како и актуелните случаи со криминални вмешаности, елементи од последниот извештај на Транспаренси, присуството на врховни судии во контроверзни ситуации и скандалите во Судскиот совет, одлуката е оправдана, а Владата како носител на одговорност мора да ги преземе потребните чекори.
„Ако ги погледнеме статистиките за довербата на граѓаните во правосудниот систем во целина, ако погледнеме какви се состојбите и со какви случаи ние се среќаваме, ако видиме дека имавме јавен обвинител кој беше вмешан во криминал и е дел од овој последен извештај на Транспаренси, ако видиме дека имаме врховен судија кој е вклучен, ако ги видиме скандалите во Судскиот совет и ако ги земеме сите тие состојби во целина, тогаш сметам дека една ваква одлука и те како е оправдана и очекувана од граѓаните, а од нас како Влада да ја превземеме“, нагласи Митева.
Митева истакна и дека како партија, ВМРО-ДПМНЕ, се обврзани на реформи во правосудството, осигурувајќи одговорност за сите прекршители на законите. Таа додаде дека се работи и на решавање на проблемите со слабиот судски систем и недостатокот на кадар, со цел обезбедување на ефикасно судење.
„Како политичка партија зборувавме дека ќе направиме реформа во правосудниот систем и дека секој оној кој се огрешил пред законот ќе одговара. Како одговорна власт и како власт која размислува како да овозможи на слабото судство, кое има огромен број на предмети, да се соочи со недостатокот на кадар, кој ќе треба да овозможи ефикасно и ефективно судство“, истакна Митева.