Враќањето на претседателот на Република Српска Милорад Додик од Израел предизвика вистинска медиумска бура, бидејќи беше обвиткано во тајност. Единствено е сигурно дека го напуштил Израел и пристигнал во Белград. Но, што се случи потоа, останува непознато.
Мистериозниот твит на Додик, објавен завчера во 3 часот по полноќ на мрежата Х, содржи само два збора: „Стигнав“. Но, каде? Тоа прашање останува неодговорено, пишуваат српските медиуми.
Cтигао сам.
— Милорад Додик (@MiloradDodik) March 29, 2025
Медиумите во Република Српска веднаш објавија дека тој се вратил во Бања Лука, додека во Федерацијата БиХ почнаа шпекулациите дека отпатувал за Москва. Слично објавија и некои медиуми во Хрватска, повикувајќи се на редовниот лет Белград-Москва, кој Додик наводно го користел за да го продолжи патувањето кон Русија по пристигнувањето од Израел.
Сепак, се уште нема официјална потврда.
Од кабинетот на претседателот на Република Српска нема информации за неговата моментална локација, што само ги подгрева сомнежите за неговото вистинско место. Уште поголема мистерија создава тоа што никој не го видел во јавност откако се вратил од Израел.
По неодредениот твит, Додик не даде никакви изјави за медиумите ниту се појави на некој јавен настан, пишува Нова.рс.
Друг фактор што предизвикува сомнеж дека Додик е во Бања Лука е фактот што некои делови на Република Српска се борат со поплавите, а тој не се појавил на теренот – што му беше обичај во минатото.
Го нема во Бања Лука, ниту во поплавените подрачја, ниту на друго место.
Сето ова ги подгрева шпекулациите: дали тој навистина е во Република Српска или, како што многумина шпекулираат, отишол во Москва?
Додека се чекаат официјални информации, прашањето останува отворено, а неизвесноста расте.
Денеска Додик се огласи во врска со пресудата со која на лидерката на француското Народно собрание, Марин Ле Пен, и е забрането да извршува јавна функција пет години, изјави дека остро ја осудува злоупотребата на судството за справување со политичките противници.
Додик на платформата Х напиша дека верува во силата на Марин Ле Пен и нејзината евентуална победа.
„Ја поддржувам нејзината посветеност за зајакнување на суверенитетот на народите и државите.
Го поддржувам нејзиното застапување за заштита на традиционалните христијански и семејни вредности. Ја поддржувам затоа што припаѓа на лидери кои ја црпат својата сила од поддршката на народот. Го поддржувам нејзиниот отпор кон глобализмот“, напиша Додик.