Мистер Драган Стојчевски: Поради трагедијата во Кочани, не направив роденденска журка за мојот 46. роденден 

89

Првиот официјален убавец на Македонија се гордее со своите пристојни години!

– Традиционалното славење со забава изостана.  Се подготвував да биде весело, но причината е многу разбирлива – трагедијата во Кочани. Јас, како човек, ја загубив радоста, а сосила да се веселам не оди, не сум тоа јас. Не би било хумано. Кога сум тажен, тогаш сум тажен и не ми е до забави – вели за весникот ВЕЧЕР искрениот Драган

 „Чичко“ Драган, македонскиот Аполон и дипломиран професор по физичко воспитување, ќе ве изгори со своето тело. „Чичко“ Драган заборавил да старее… токму вака коментираат луѓето за него на неговиот ФБ-профил. А, тоа е Драган Стојчевски, првиот официјален мистер на независна Македонија. Родум е од тетовското село Раотинце, а со години живее и работи во Скопје. Вчера симболично го одбележа својот 46. роденден.

– Вистинското традиционално славење со забава изостана.  Се подготвував да биде весело, но причината е многу разбирлива – трагедијата во Кочани. Јас, како човек, ја загубив радоста, а сосила да се веселам не оди, не сум тоа јас. Не би било хумано. Кога сум тажен, тогаш сум тажен и не ми е до забави. Само се помолив за тие 59 души. Наздравив, дома со моите – скромно со сопругата, синот и ќерката – и со некои роднини. Тие беа малку разочарани што изостана журката, но сосема добро ја сфаќаат тежината на новонастанатата ситуација, која сите во Македонија нè зави во црно – објаснува Стојчевски за весникот ВЕЧЕР.

Инаку, Драган, во далечната 2004 година, беше избран за прв македонски убавец. Пред тоа, и Вера Мештеровиќ за прва македонска убавица, во организација на Лидија Велковска, а тој на натпреварот што се одржа во Скопје. Машкиот избор беше во организација на модното студио „Црнокрак“. Стојчевски сè уште ги чува спомените за изборот, кој не се заборава. Дури и го памети бројот „14“, кој му беше среќен и со кој се натпреваруваше во силна конкуренција со најзгодните момци Македонци.               – Беше многу интересно и необично за нашиот географски простор да се избира најубав маж. Пологично за нашиот менталитет е да се избира најубава девојка. Машкиот избор им беше чуден, но, за чудо, предизвика огромен интерес кај јавноста. Се бараше билет повеќе да се присуствува на настанот, за кој сите отпосле зборуваа дека бил настан на деценијата. Кога нè наредија сите на бината, и онака разголени, само по гаќички, ни беше непријатно, но мораше да го преживееме и тоа, поради оценките за градбата на телото. Самото прогласување на победникот ми беше стресно и емотивно. Кога го кажаа моето име, одејќи накај водителката, почнав да плачам од преголема радост. Сите околу мене ме храбреа, ми велеа дека не е ништо страшно, дека само мажите се тие кои искрено плачат.

По домашниот избор, во 2006 година бев на светскиот „Manhunt International“ во Кина. Не победи таму, но, исто така, освоив значајна титула – Мистер на Европа. Имав многу добри понуди, да останам да работам со светските агенции, дури и со кинеската модна агенција „Galaxy“. Меѓутоа, не видов предизвик во сето тоа.               Се вратив дома, и не се покајав. Одлично ми е во татковината, имам работа, сега, на овие години, и повеќе отколку на 26. Освен тоа, тука сум со семејството, а тоа најмногу ми значи и ме исполнува и како татко и како сопруг.  Веќе 10 златни години сум и натпреварувач во бодибилдингот.

Моја највредна награда од овој период е учеството на Светското првенство што се одржа во Санта Сузана, Шпанија, во ноември минатата 2024 година. Го освоив високото четврто место. Морам да истакнам, а да не ми замерите, дека успехот во Шпанија му го посветив на мојот драг татко, кој четири години не е физички присутен меѓу нас, но кој од мали нозе ме насочи по вистинскиот професионален и животен пат – вели, Драган.

Иако машката убавина е нешто по што веднаш се препознава Драган, прашање е како успева и на овие штотуку прославени 46 години од животот да изгледа одлично и многу помладо, сигурно за 20-ина години помалку.

– Сметам дека генетиката си го прави своето. Исто така, во текот на денот пијам многу вода, која му дава на телото постојана свежина, од лицето до нозете. Луѓето, особено постарите, често забораваат да пијат доволно вода, а тоа е многу лоша навика. Пијте вода и не грижете се за свежината и за виталноста. Пијам и чаеви, шолја зелен чај, шолја камилица. Со тоа го прочистувате организмот, исфрлајќи ги отровите. Единствено може да ви звучи чудно што не јадам морска храна. Не ми годи, па не ја ни консумирам. Како и да е, многумина наши мажи би дале сè на овој свет физички да изгледаат како Драган Стојчевски, барем на тие 46 години со кои се гордее тој.    (Д.М.) фото: ФБ-архива

ИЗДВОЕНИ