„Мислам дека нема да си го погази зборот, долго се познаваме“: Трамп му верува на Путин, а има сомнежи за Зеленски во врска со договорот

596
EPA-EFE/ALEXEI NIKOLSKY / SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека во основа верува оти рускиот претседател Владимир Путин „ќе ја направи вистинската работа“ во врска со мировните преговори во руско-украинската војна.

Зборувајќи со новинарите во „Ер Форс 1“, Трамп рече: „Мислам дека нема да го прекрши зборот. Зборуваме за Путин. Го познавам долго време. Отсекогаш добро се согласувавме“.

„Сигурно не би сакал да воведам нови царини за Русија, но ако тие се воведат, тоа не би било добро за нив“, рече тој.

Зборовите на Трамп претставуваат омекнување на тонот во споредба со изјавите што тој ги даде претходно во неделата.

Претходно истиот ден, Трамп рече дека е „бесен“ и директно го критикуваше Путин:

„Ако Русија и јас не успееме да постигнеме договор за запирање на крвопролевањето во Украина и ако проценам дека Русија е виновна за тоа – а можеби и не е – но ако проценам дека таа е виновна, ќе воведам дополнителни царини за руската нафта, за целата нафта што доаѓа од Русија.

Во тоа интервју Трамп изрази незадоволство од критиките на Путин кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, за кого е јасно дека Путин не сака да го види на власт.

„Некои од работите што ги кажа во последните ден или два… во врска со Зеленски… затоа што ако тој го смета за несигурен, и мора да склучите договор со него – без разлика дали ви се допаѓа или не – тогаш тоа не е добро. Не бев задоволен со тоа. Но, мислам дека ќе биде добро“, им рече Трамп на новинарите.

Трамп го критикуваше и Зеленски: „Гледам дека се обидува да се откаже од договорот“
Трамп честопати јавно го изразуваше своето незадоволство од Зеленски во последниве месеци, а во неделата вечерта додаде уште една критика, велејќи дека украинскиот претседател можеби се обидува да се повлече од договорот за минерали што администрацијата на Трамп претходно преговараше со него. Според тој договор, Украина би добила американска помош во замена за отстапки за експлоатација на ретки минерали.

Тој договор требаше да биде потпишан во февруари, денот кога Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс се скараа со Зеленски во Белата куќа.

„Гледам дека тој се обидува да се повлече од договорот за ретките минерали“, рече Трамп. „И ако го направи, ќе има проблеми. Големи, големи проблеми. Се договоривме да соработуваме за ретки минерали, а сега тој вели: „Па, знаете, можеби ќе сакам повторно да преговарам за тој договор“.

За време на кампањата, Трамп постојано тврдеше дека ќе стави крај на војната во Украина на првиот ден од неговата функција. Сега вели дека на Путин не му одредил конкретен рок. „Тоа е психолошки рок, ако мислам дека не завлекуваат, нема да бидам задоволен“, заклучи тој.

ИЗДВОЕНИ