Синот на легендарниот возач Михаел Шумахер, Мик, дебитираше во Формула 1 во 2021 година, но по две сезони во тимот на Хас, остана без место во најбрзиот циркус на денешницата.
Хас одлучи да го замени со сонародникот Нико Хулкенберг откако имаше тој серија скапи несреќи и не успеа да го издржи темпото на Кевин Магнусен.
Откако го напушти американскиот тим, Мик ја презеде улогата на резервен возач на Мерцедес, но се натпреваруваше и за Алпин во Светскиот шампионат во издржливост (ВЕЦ).
На крајот од минатата сезона, тој се збогуваше со улогата во Мерцедес за целосно да ѝ се посвети на кариерата во ВЕЦ. Неодамна призна дека, можеби, бил премногу фокусиран на „планот А“, што го чинело пропуштени можности за место во Алпин и во Ауди, кое влегува во Формула 1 во 2026 година.
Сепак, Мика Хакинен смета дека Мик сè уште има шанса да се врати во Формула 1.
- Мислам дека сè уште има шанса да се врати во Формула 1. Вратата е сè уште отворена. Само треба да разговара со вистинските луѓе – изјави Хакинен за „Тотал моторспорт“.
Една од можните опции е да биде Кадилак, кој треба да влезе во Формула 1 во 2026 година, под покровителство на „Џенерал моторс“.
Овој американски проект наскоро би можел да добие конечно одобрение за влез во шампионатот и е познато дека бараат искусен Ф1-возач.
- Тој има искуство во Формула 1 и во разни други категории. Сè уште е млад. Сето тоа се позитивни фактори – порача Хакинен.
Сепак, Шумахер би морал да ги надмине многу поискусните возачи доколку сака да добие место во тимот на Кадилак. Меѓу сериозните кандидати за место во овој тим се Серхио Перез и Валтери Ботас, кои во моментов немаат обезбедено места во Формула 1 и би можеле да бидат идеален избор за американскиот тим.
За потсетување, новата сезона во Формула 1 започнува наредниот викенд, во Австралија.