Динамична политичка сцена во Македонија, во пресрет на локалните избори, закажани за октомври годинава. Веќе се видливи интензивни подготовки, но и неизвесност околу можни предвремени парламентарни избори, заедно со локалните и тензии во албанскиот политички блок, со одлуката на лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, неговата партија да трча со посебни советнички листи, надвор од коалицијата „Вреди“. Додека власта уверува дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека есенва ќе се гласа само за градоначалници и советници, опозицијата и дел од албанските партии не ја исклучуваат можноста за комбинирани избори и најавуваат засилени притисоци. Во меѓувреме, превирањата во коалицијата „Вреди“ и шпекулациите за нови сојузи, дополнително ја усложнуваат политичката динамика.
Крилото на Таравари „се откина“
Таравари вчера потврди дека неговото крило од Алијанса оди со посебни советнички листи и од тоа нема враќање назад. За сè друго, рече Таравари, се подготвени и отворени да разговараат со сите во однос на локалните избори. Таравари истакна дека има редовна комуникација со премиерот Мицкоски и дека откако тој ќе се врати од службеното патување, ќе разговараат.
-Штом ќе се врати премиерот од пат, ќе се видиме и ќе разговараме, инаку имаме редовна комуникација. Тоа што го кажал господинот Николоски, сите ги слушам, меѓутоа ние сме автономна партија, одлучуваме сами. Засега имаме сигурна одлука дека одиме со посебни советнички листи и тоа е одлука на партијата и од тоа нема враќање назад. За сето друго сме подготвени и отворени да разговараме со сите во однос на локалните избори, рече Таравари.
Ваквиот негов коментар следуваше откако потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за националната телевизија рече дека не очекува Таравари да преземе чекор со кој би коалицирал со опозициската ДУИ, затоа што тоа за него би значело политичко самоубиство.
-Тој е многу политички искусен. Мислам дека малку и јавноста го потценува и не очекувам дека ќе направи чекор каде што политички би се самоубил. Би бил изненаден да покаже таква политичка наивност. Се разбира, не исклучувам такво сценарио, но би бил многу изненаден ако тоа се случи, истакна Николоски.
Тој испрати порака и дека Македонија есенва ќе оди само на локални избори, без предвремени парламентарни избори. Николоски категорично ја отфрли можноста за какви било дополнителни изборни процеси оваа година, потенцирајќи дека прашањето за предвремени парламентарни избори е затворено, бидејќи, според него, владата и парламентарното мнозинство се стабилни, а граѓаните минатата година јасно ја изразиле својата волја.
-Ќе излезат граѓаните, ќе кажат кои сакаат да се нивни советници, градоначалници, и тоа е тоа од изборни активности за годинава. Во 2028 година ќе се мериме пак на парламентарни избори, рече Николоски, тврдејќи дека и покрај внатрешните несогласувања во албанскиот коалициски блок „Вреди“, тие не влијаат на работата на Владата и не се причина за дестабилизација.
Политичкото „самоубиство“ ја вознемири Мала Речица
ДУИ, пак, остро реагираше на изјавата на Николоски дека коалицирањето со ДУИ би било „политичко самоубиство“. Од партијата на Ахмети ги обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за обид за инженеринг на албанската политичка сцена и за антиевропски и шовинистички цели и порачуваат дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш повеќе нема да одлучува за политичкото претставување на Албанците, туку тие самите ќе одлучуваат за својата иднина.
Внимание предизвика и искажаниот став на поранешниот шеф на македонската дипломатија и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, кој во телевизиско гостување рече дека Владата нема интерес да го продолжи евроинтегративниот процес на земјата, а единствениот начин за консензус околу европските интеграции и внатрешните состојби е одржување на предвремени парламентарни заедно со локалните избори. Османи упати прашање до премиерот Мицкоски кој му дал право да преговара за неговиот европски идентитет и му порача дека тој не преговарал со никого за македонскиот идентитет, туку за европскиот идентитет на Македонците и Албанците.
-Kој вам ви дава право да преговарате за мојот европски идентитет? Албанците се прозападно ориентирани. Кој вам ви даде право да нè ставите како истурен играч на „Српскиот свет“ без да нè прашувате нас? Ако одиме на таква варијанта, мислам дека изјавите од типот на ограничување на легитимитет на министри да зборуваат во име на државата поради етничката припадност е најскандалозната можна изјава што може да се даде. Претераа со создавањето на „монструм“ за омраза кон Албанците, ДУИ и останатите заедници и сега се жртва на тој монструм којшто ги гони, рече Османи во гостувањето на „Топ-тема“.
Политички слепци и визионери на мегдан
На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, се обидува да создаде нова поделба и тензија во државата и го запрашаа кој му го даде правото да го потпише Францускиот предлог без консензус? Од владејачката партија порачуваат дека граѓаните гледаат дека Владата ги вложува сите сили, Македонија да се стави на брза трка за економски раст и развој и затоа според последното истражување на јавното мислење спроведено телефонски од агенцијата Маркет вижн, над 60% ќе излезат на гласање ако утре има избори.
-Довербата на граѓаните во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски е огромна. Анкетата покажа дека ВМРО-ДПМНЕ и претседателот и премиер, Христијан Мицкоски, имаат убедливо водство и огромна доверба од граѓаните. На претседателот Мицкоски му веруваат 25,4 отсто од испитаниците, наспроти Венко Филипче, кому му веруваат само 3,8%. На следните избори, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале високи 51,7% од испитаниците, што претставува водство 5:1 спрема СДС. Доколку утре има избори на гласање би излегле високи 64,4% од граѓаните, односно две третини од испитаниците, велат од владејачката партија.
Реагираа и од „Вреди. Велат дека „предвремени избори имаат ист ефект како гурабиите и бисквитите што ги делеше Ахмети во кампањата“ и дека ако некој директно работел против интересите на Албанците, „тоа се Али Ахмети и кројачот на дворски игри, Бујар Османи“.
-Само политички слепци не гледаат дека ако локалните и парламентарните избори се одржат заедно ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со над 60 пратеници. ДУИ не извлече никаква поука. Така, Ахмети во кампањата на изборите во мај минатата година во мачо-стил делеше гурабии и бисквити, за после кога го виде резултатот, да се понуди со четири министерства, без претседател на Собранието, со цел да влезе во Владата наместо ВЛЕН, велат од коалицијата.
Иако засега од „Бихаќка“ не бараат двојни избори, пред неколку дена, лидерот на СДСМ Филипче изрази подготвеност неговата партија да излезе на предвремени избори. Филипче тврди дека партијата е консолидирана.
Владејачката коалиција уверува во стабилност и континуитет, а опозициските и албанските партии се подготвуваат за изборна битка и нови политички пресметки. Додека политичарите се престројуваат и позиционираат, граѓаните и понатаму се соочуваат со секојдневните проблеми. Во секој случај, изборите наесен ќе бидат клучен тест за стабилноста на Владата и за идниот распоред на политичките сили во земјава. (В.С.Н.)