Додека денеска поради проширување на истрагата за трагедијата во Кочани се апсат поранешни функционери, во Кочани најблиските на загинатите и на повредените во трагедијата што на 16 март се случи во дискотеката „Пулс“ одржаа мирен протест барајќи правда.
Под мотото „Задоцнета реакција“ се одржа вториот протестен марш што го организираа семејствата на настраданите.
Симболично, учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата во 12 часот и 5 минути, со што го искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.
Носејќи ги со себе фотографиите на најмилите порачаа дека „Ова не е несреќа, ова е убиство“.
Кочанчани прашаа – „Дали требаше да ги убиете нашите деца за да увидиме во каква корумпирана држава живееме?“.