Мир меѓу Украина и Русија би можел да се постигне за неколку недели, согласни се Макрон и Трамп

164

Изводливо е да се разговара за прекин на огнот и да почнат преговори за одржлив мир во наредните недели, тврди Макрон и додава дека разговарал со 30 лидери на европски земји и сојузници, од кои многумина наводно се подготвени да понудат безбедносни гаранции за Украина. Трамп рече дека би сакал да се сретне со Зеленски и најави дека украинскиот лидер би можел да дојде во Вашингтон „оваа или следната недела“ за да разговара за договор за ретките суровини од Украина. Исто така, ја истакна важноста со Европа да се споделат трошоците за мировниот договор за Украина, на што Макрон одговори дека Европа ја разбира потребата поправедно да се сподели товарот на безбедноста

 

Мирот меѓу Украина и Русија би можел да се постигне во наредните недели, изјави францускиот претседател Емануел Макрон за телевизијата „Фокс“, во Вашингтон, каде што во понеделникот се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп по повод третата годишнина од војната во Украина.

И Трамп го изјави истото на заедничка прес-конференција, по средбата со францускиот претседател, за кого рече дека е негов пријател и дека е воодушевен што повторно го пречекува во Белата куќа. Американскиот претседател на новинарите, исто така, им изјави дека војната може да заврши за неколку недели. Но, тој додаде дека Европа мора да преземе дел од трошоците и од товарот на мировниот договор во Украина.

Сепак, како што пренесе Би-би-си, Макрон останува на европскиот став дека секој можен договор „не смее да биде предавство на Украина“ и мора да вклучува безбедносни гаранции.

-Изводливо е да се разговара за прекин на огнот и да почнат преговори за одржлив мир во наредните недели, тврди Макрон и додава дека разговарал со 30 лидери на европски земји и сојузници, од кои многумина наводно се подготвени да понудат безбедносни гаранции за Украина.

Тој најави дека покрај безбедносните гаранции и прекинот на војната, ќе се водат преговори и за распределба на териториите. Според него, еден од најдобрите начини да се обезбеди американска поддршка за суверенитетот на Украина е преку договор за важни суровини, за кој веќе преговараат Киев и Вашингтон и кој, според официјални украински претставници, е пред потпишување.

-Потребен е прекин на огнот што е можно поскоро, рече Трамп, тврдејќи дека ќе ја посети Русија и ќе се сретне со Владимир Путин кога ќе се договори средбата.

Макрон зазеде повнимателен пристап кон прекинот на огнот. Според него, потребен е брз мировен договор, но тој договор не треба да биде слаб. Лидерите се согласија дека секој договор мора да вклучува испраќање европски мировни сили во Украина, што Русија го отфрла, иако Трамп го тврди спротивното.

Трамп рече дека би сакал да се сретне со Зеленски и најави дека украинскиот лидер би можел да дојде во Вашингтон „оваа или следната недела“ за да разговара за договор за важните суровини од Украина.

Трамп не ги спомна безбедносните гаранции на прес-конференцијата со Макрон во понеделникот, но ја истакна важноста со Европа да се споделат трошоците за мировниот договор во Украина. На тоа Макрон одговори дека Европа ја разбира потребата поправедно да се сподели товарот на безбедноста.

Посета на Вашингтон и средба со Трамп минатата недела најави и британскиот премиер Кир Стармер. Целта на посетата, која не е потврдена од Трамп, е да се претстави европскиот мировен план за Украина, кој неколку европски лидери го составија на итен состанок во Париз истиот ден кога американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се сретнаа во Саудиска Арабија. Според тој план по постигнување на мир, во Украина треба да се распоредат неколку десетици европски војници како гаранција за одржување на мирот. Војниците, според тој план, не треба да бидат распоредени до линијата на фронтот и во конфликт, туку на некои локации, кои би биле назначени со мировна повелба, како гарант на мирот и колективниот кредибилитет со поддршка на Америка. Но, најавениот контингент европски војници е многу помал од оној што го бара Зеленски. Тој смета дека за одржување на мирот би биле потребни околу 200.000 војници.

-Овој мир не смее да значи капитулација на Украина или прекин на огнот без гаранции, тој мора да овозможи украински суверенитет и да ѝ дозволи на Украина да преговара со другите засегнати страни за прашања што ја засегаат. Таа е, исто така, земја каде што мораме заеднички да ги преземеме нашите одговорности за  да ја овозможиме безбедноста и стабилноста на Украина и на целиот регион, рече Макрон.

Трамп, пак, уште еднаш истакна дека и рускиот претседател Владимир Путин сака крај на војната.

– Разговарам со Путин. Цел живот склучувам договори. Порано Русија не разговараше со никого, не возвраќаше на повиците и сите го прифатија тоа. Кога дојдов на функцијата, една од првите работи што ги направив беше да му се јавам на Путин, тоа беше со почит. Тој сака да стави крај на оваа војна. Работиме на договори, од кои еден е да се запре војната. Навистина верувам дека Путин сака да направи договор. Можеби грешам, но мислам дека го прави тоа, одговори Трамп на новинарски прашања.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера даде изјава во која го загатна прашањето за меѓусебната доверба на Русија и САД.

-Русија верува во себе, а за да се зборува за доверба во САД, мора да се помине долг пат. Треба да развиеме мерки за враќање и зајакнување на меѓусебната доверба, изјави Песков, пренесе агенцијата РИА.

Тој посочи дека американските лидери покажале политичка волја да го обноват дијалогот со Русија, кој, како што рече, беше сведен практично на нула за време на претходната администрација.

Претходно украинскиот претседател Зеленски рече дека е подготвен да се откаже од функцијата доколку тоа донесе мир во Украина или членство на земјата во НАТО. Додаде дека сака Трамп да биде партнер со Украина, а не само посредник меѓу Киев и Москва.

ИЗДВОЕНИ