Министерот за спорт Борко Ристовски денеска оствари средба со директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), м-р Александар Јанев и со помошникот на директор во БЈБ за криминалистичка полиција, Илија Челшев Менис. На средбата се разговараше за продлабочување на соработката меѓу Министерството за спорт и Министерството за внатрешни работи во борбата против корупцијата во спортот.

– На средбата разговаравме за поблиска соработка на Министерството за спорт  и Министерството за внатрешни работи во делот на спортот и спортските активности како и доближување и запознавање на младите со работата на полицијата преку нивните активности. Тема на денешната средба беше и борбата против корупцијата во спортот. Заеднички заклучок беше дека мора да се тргне во борба против корупцијата затоа што спортот секогаш бил најчистото нешто во општеството и повторно мора да му го вратиме тој предзнак – истакна Ристовски.

Министерот Борко Ристовски нагласи дека Министерството за спорт заедно со МВР продоложуваат со заеднички напори за зајакнување на довербата во спортските вредности.