Министерството за енергетика бара од Бирото за метрологија софистицираната опрема за проверка на струјомерите веднаш да биде на располагање на граѓаните. Оваа опрема поради неажурност во претходните години останала неискористена и не била ставена во функција.
Оваа реакција доаѓа откако претседателот на Регулаторната комисја за енергетика, Марко Бислимоски наведе дека технички е невозможно ЕВН да ги прегледува сите броила, па затоа се прави предвидување на потрошувачката, поради што голем број граѓани добиле невообичаено високи сметки за електрична енергија. Тој посочи и дека универзалниот снабдувач потоа мора да ги прифати позитивните решенија и најчесто на потрошувачот му се компензира со пребивање од следните сметки.
Од Министерството за енергетика велат дека завршува ерата на неточни броила. Новата опрема, поточно машина – трофазен систем за мерење на електрична енергија и моќност, повеќе од 7 години седи неупотребена во подрумските простории на Бирото. Со ставањето во употреба на оваа опрема, крајна цел е, освен верификација на мерилата, и да се испитува исправноста на мерилата по жалба на потрошувач, за која министерката Сања Божиновска инсистира да биде спроведувана и заради честите поплаки и барања од граѓаните.
За таа цел веднаш се дадени насоки да се започне со сите потребни активности за нејзино итно активирање.
– Со оваа мерка, граѓаните ќе добијат можност за независна проверка на исправноста на своите броила, директно во државна институција. Ова ќе овозможи секој сомнеж за неправилно фактурирање да се провери со прецизни и официјални мерења, при што граѓаните ќе добијат јасен и недвосмислен одговор за состојбата на нивниот инструмент. Истовремено, ова ќе претставува дополнителен механизам на контрола врз компаниите кои ги инсталираат и одржуваат броилата, со што ќе се обезбеди поголема правичност во наплатата на потрошената енергија и ќе се намалат можностите за неправилности – потенцираат од Министерството за енергетика.