Министерот за транспорт и врски Александар Николоски открива: За пругата кон Бугарија треба да се урнат стотина куќи и да се изгради тунел кој води кон никаде!

7584

Новиот министер за транспорт и врски Александар Николоски, го повика Јавното обвинителство да влезе во Железници Инфрастуктура и Државни патишта за да го истражи нивното работење, по објавениот ревизорски извештај.

Министерот Александар Николоски, бара Обвинителството да истражи зошто планираната трета фаза од пругата кон Бугарија ќе чини 24 милиони евра за еден километар пруга. Тој тврди дека Обвинителството треба да утврди зошто Јавното претпријатие државни патишта без анализа ја зголемило проценетата вредност за над 200 милиони евра. Дополнително денеска истекува рокот за поднесување на понуди за тендерот „тежок“ 560 милиони евра за изградба на 23,4 километри железничка пруга. За евентуално поништување на овој тендер, во оваа фаза од постапката не е можно, затоа што, како што вели Николоски, се уште нема депонирано потпис.

„Се работи за железничка пруга која ќе минува среде град, буквално поминува среде Крива Паланка, ќе треба десетици или стотици куќи да се рушат, ќе треба да се иселува население, и најбитното, завршува во тунел кој што нема крај, затоа што според проектот и законите, предвидено е поврзувањето со Бугарија да оди преку тунел, кој што може да се изгради само до границата со Бугарија“, вели Николовски.

Тој најави смена на раководството во ЈПДП и МЖ инфраструктура. Дополнително се надева дека кинески Синохидро до крајот на 2026, по една деценија ќе ја заврши изградбата на автопатот Кичево Охрид, а по промената на раководството во државни патишта најави дека ќе побара декласифицирање на Договорот со Бехтел и Енка за изградба на автопатските делници на коридорите 8 и 10 Д. Не ја исклучи ниту можна опција и за репреговарање на договорот.

„Сите опции се отворени, треба да сме одговорни кон народните пари, исплатени се веќе 250 милиони евра, неодговорно е да се раскине договор тоа што е одговорно е да се седне и да се разговара“, рече Николоски.