Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски откри дека Владата е пред официјализирање на уште една нова евтина авио линија која, како што рече, ќе ја израдува дијаспората.
– Имам потврда за деветта авиолинија, но се уште не можам да ја кажам јавно. Мислам дека нашата дијаспора ќе биде многу среќна кога ќе ја слушне. Како Влада во овие 6,5 месеци имаме девет нови авионски линии, а можам да најавам и почеток на реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром – истакна Николоски.
Деновиве канадскиот национален авиопревозник „Ер Канада“ започна со код-шер (споделување кодови) на услугата на нискобуџената авиокомпанија „Еделвајс ер“ меѓу Цирих и Скопје. Канадскиот авиопревозник го стави својот означен код „АC“ и броевите на летот на петочната услуга на „Еделвајс “меѓу двата града (АC6010/6011). „Ер Канада“ започна со код-шер на различни линии на „Еделвајс ер“ од минатиот февруари, но дури овој јануари ги додаде своите броеви на летови на услугата кон Скопје.
Споделувањето кодови значи дека на летот на „Еделвајс“ ќе има и број на летот на „Ер Канада“ и дека канадскиот авиопревозник ќе може да продава билети за Скопје преку Цирих, без потреба за билет додека се прави трансфер во Цирих. Едноставно сите билети ќе се издаваат на почетната точка во Скопје или на меѓународните аеродроми во Канада.
(С.Бл.)