Во однос  на проблемите со кои се соочуваат установите од областа на културата во Гостивар, министерот Љутков посочи дека повеќето немаат соодветни услови за работа. Како пример тој го наведе Центарот за култура АСНОМ во чии рамки функционира и театарот, галеријата и библиотеката. Тој истакна дека во најскоро време ќе се формира работна група чија цел ќе биде да утврди со какви капацитети располага Гостивар и за која намена ќе можат да се искористат

Старата џамија во Равен и црквата „Св. Димитрија“ во Гостивар се дел од културното наследство кое годинава ќе биде во фокусот на Министерството за култура и туризам. И годинава за овие два објекта ќе бидат издвоени финансиски средства за нивна реставрација и заштита. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со заменик-министерот Седат Сулејмани, вчера ги посетија националните установи од областа на културата во Гостивар, каде што се запознаа со тековните активности и идните проекти кои се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам, но, и со проблемите со кои овие установи се соочуваат.

„Старата џамија во Равен е значајно културно наследство од 19 век, која подоцна била зафатена од пожар, па обновена. Во изминатите години на овој објект повеќепати е интервенирано. Оваа 2025 за џамијата од страна на Министерството за култура и туризам доделени се 1,5 милиони денари за обработката на дрвените делови во ентериерот, за обработка на фасадата на минарето и да се заврши партерното уредување на дворот на џамијата. Се надевам дека до крајот на 2026 година Старата џамија ќе биде отворена. Ја посетивме и црквата „Св. Димитрија“. изградена во 1840 година, и на која годинава ќе се реализира втората фаза на основен проект за конзервација и реставрација на архитектурата, таму треба да се заменат прозорците, а  за овој објект се издвоени 300 илјади денари“, посочи министерот Зоран Љутков.

Претходно беа посетени уште неколку други значајни објекти, кои во минатото со поддршка на Министерството за култура биле комплетно конзервирани, санирани и реставрирани. Меѓу овие објекти се симболот на Гостивар познатата Саат кула, која е значаен споменик на културата од османлискиот период, која со својот автентичен архитектонски изглед, внатрешното и надворешно осветлување и старото Медресе од 17 век, кое е во склоп на комплексот Саат џамија, во кое се наоѓало првото училиште во Гостивар, а од 1952 година во него се сместени муфтиството и Исламската верска заедница во Гостивар. Беа посетени и Беговата куќа, која е споменик на културата од 18 век и уникатен примерок на автентичната староградска архитектура, а воедно и еден од најзначајните споменици на културата во Гостивар и каде што според Љутков истакна дека ќе треба да се направат повеќе интервенции, како и куќата на Ахмет Чаку, која е типичен пример на традиционална куќа со профана архитектура, од османлискиот период изградена во 18 век, а која беше опожарена.

Министерот Љутков додаде дека токму заштитата на културно-историските споменици е меѓу приоритетите на Министерството за култура.

„Сето ова значајно културно богатство  се причина овој град да биде привлечна дестинација за сите оние кои сакаат да го посетат, затоа наша основна заложба е вакви проекти да се реализираат не само во Гостивар туку и во сите делови на Македонија“, посочи министерот.

Во однос  на проблемите со кои се соочуваат установите од областа на културата во Гостивар, Министерот посочи дека во Гостивар има голем број установи од областа на културата, но како што истакна, повеќето немаат соодветни услови за работа. Како пример го наведе Центарот за култура АСНОМ во чии рамки функционира и театарот, галеријата и библиотеката Тој истакна дека во најскоро време ќе се формира работна група чија цел ќе биде да утврди со какви капацитети располага Гостивар и за која намена ќе можат да се искористат…

„Од 2018 година се направени нови институции без да се обезбеди простор и соодветни услови и затоа треба да се најде решение. Не треба веднаш да влеземе во изградба на објект, туку прво треба да одиме на варијанта искористување на постојните објекти. Во 2019 е отворена институцијата Театар Гостивар, без да се обезбедат услови за работа. Прво требало да се обезбедат услови, па потоа да се формира установа. Ќе работиме на тоа да се најдат најсоодветни услови за секоја институција“, истакна Љутков. (Д.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ