Министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочоска, една недела по скандалот во Собранието, стои на ставот дека не погрешила и дека нема да ѝ се извини на пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, по дискусијата во Собранието, но побара трпение од граѓаните. Рече дека за кратко време на сите ќе им биде јасно зошто се случиле сите работи по нејзиното обраќање до Петровска, кога ја праша: „Врз основа на што ги ставате Вие во уста мајките што имаат деца и како знаете Вие колку треба да троши едно повеќечлено семејство?“, а потоа кажа дека таа, како мајка на двајца синови, многу добро знае колку треба да троши едно четиричлено семејство.
– Жалам што имаше таков дефокус во однос на тоа што го кажав од говорницата и како беше интерпретирано. Неколку пати повикав на тоа луѓето да ја ислушаат целата комуникација во Собранието и самите да донесат заклучоци. Во однос на извинувањето, мислам дека го кажав мојот став, кога би погрешила, би се извинила. Воопшто немаше нешто тенденциозно, ниту некаква намера, јас зборував за трошоците за живот и врз основа на тоа, не би сакала да коментирам понатаму на таа тема. За мене, како што кажав, тоа е затворено. Би замолила една работа, граѓаните да бидат трпеливи, да почекаат малку, времето ќе покаже кој бил во право, кој не бил и зошто се случи сето ова. Оставете на времето, ве молам. За многу скоро ќе ви биде јасно на сите зошто се случија сите овие работи – рече министерката Димитриевска-Кочоска вчера, по потпишувањето на меморандумот за соработка на Министерството со Економскиот факултет.
Во меѓувреме, пратеничката Славјанка Петровска поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, а опозицијата секојдневно бара извинување и оставка од министерката.