Министерката Димитриеска-Кочоска ќе оствари повеќе средби со инвеститори во Виена

28

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, учествува на форумот на Централна и на Источна Европа „Инвисо“, кој на едно место обединува клучни чинители од областа на финансиите, информираат од Министерството за финансии.

На форумот, министерката за финансии ќе ги претстави политиките кои ги спроведува Владата, кои се темелат на новиот концепт на економски раст заснован на инвестиции и кои имаат и позитивно влијание врз одлуките што ги носат инвеститорите.

Акцентот ќе биде ставен на реформите и на политиките за управување со јавните финансии. Министерката е воведен говорник на форумот, заедно со првиот потпретседател на ЕБОР – Јирген Ригтеринк, гувернерот на централната банка на Австрија и член на УО на Европската централна банка – Роберт Холцман, заменик-министерот за финансии на Грузија – Екатерина Гунтсатце и регионалниот заменик-претседател за регионот во Меѓународната финансиска корпорација при Светската банка – Алфонсо Гарсија Мора.

Учеството на форумот „Инвисо“, претходно познат како „Еуромани“, е можност министерката Димитриеска-Кочоска да оствари и повеќе средби со инвеститори, на кои ќе стане збор за проекти кои се реализираат и кои допрва треба да се реализираат, а во кои инвеститорите може да најдат интерес. Особено се значајни големите инфраструктурни проекти и проектите во енергетиката.

Од Министерството за финансии потенцираат дека форумот е годишен настан, кој на едно место спојува професионалци од различни сегменти на финансискиот и банкарскиот сектор и дава можност за информирање за најновите случувања во финансискиот свет и за отворање дискусии за трендовите и за иднината на финансиските пазари. На него учествуваат министри за финансии, гувернери на централни банки, претставници на меѓународни финансиски институции, банкарски групации, инвестициски фондови, регионални групации и сл.

ИЗДВОЕНИ