Министерката Божиновска се сретна со амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон

865

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари работна средба со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Сверна Ирска, Метју Лосон.

За време на средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од севкупнуото ниво на односи меѓу двете држави, посебно истакнувајќи го мошне високото ниво на економски односи и фактот дека Обединетото Кралство е држава која е еден од најголемите инвеститори кај нас.

Во таа прилика, министерката Божиновска истакна дека успешните приказни на британските инвеститори во последните петнаесетина години во нашата држава се најдобар сигнал дека сме подготвени за проширување на инвестициската активност и во сферите како енергетиката, обновливите извори и одговорното рударство.

Инвестициите се приоритет и се надева на понатамошни инвестиции на британски фирми во државата, како и соработка во насока на усовршување на стручен кадар за потребите на овој сектор.

Меѓу другото, министерката Божиновска нагласувајќи ги сојузничките односи со Обединетото Кралство во рамките на НАТО Алијансата, потенцираше дека како држава сме повеќе од заинтересирана за размена на искуства во справувањето со предизвивиците во однос на безбедноста на критичната енергетска инфраструктура, како во сајбер, така и во реалниот простор.

На крајот, министерката го запозна соговорникот со мисијата и приоритетите на новото министерство, во исчекување на претстојната посета на Обединетото Кралство во рамки на Самитот на европски лидери и истакна дека очекува активна соработка со британските партнери, како и почесто средби во претстојниот период.