– Треба да се направи една официјална потрошувачка кошница со реално утврдени производи за да може потоа таа да биде од корист за креирање политики што ќе ги почувствуваат граѓаните – вели професорот Борче Треновски.
За да се дојде до таква кошница, смета дека е потребно да има отворена дискусија за системот на подготовка, која ќе биде јавно презентирана и заснована на заеднички прифатлива методологија што ќе го одразува реалниот стандард на граѓаните.
– Подготовката на секоја кошничка или алатка, која на кој било начин е поврзана со стандардот на граѓаните и нивните примања (минимална плата, пензија итн.), треба да биде подготвена на транспарентен начин, врз заедничка прифатена методологија, да го одразува реалниот стандард на граѓаните во конкретната земја/регионот. Сите сакаме повисок стандард, но можностите се лимитирани и не треба да има никаков сомнеж и дилема околу нејзините улога и висина. Затоа голем дел од пресметката на овие кошнички во другите земји ја прават државните заводи за статистика или институции што имаат континуиран пристап до потребните податоци и ги имаат потребните капацитет, кредибилитет и експертиза за нивно редовно и одржливо пресметување – вели Треновски за МИА.
Според него, важно е и да им се презентира на граѓаните зошто се разликуваат и што одразуваат различните кошници (минимални, просечни, синдикални…).
– Затоа што само ако се реално утврдени, ќе бидат од корист за креирање политики, кои ќе ги почувствуваат граѓаните – нагласува професорот Треновски.
Помина една недела откако на последниот Економско-социјален совет, на предлог од Организацијата на работодавачи, падна одлука да се направи официјална потрошувачка кошничка што ќе биде формирана од неколкумина членови од различни институции, поради тоа што се отвори дилема меѓу социјалните партнери дали пресметките што ги прави Сојузот на синдикати за минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство се релевантни.
Од ССМ реагира дека нивната пресметка е релевантна и одговара на реалните потреби на граѓаните, а формирањето ново тело што ќе ги прави пресметките го гледаат како обид да се минимизираат синдикатите и да не се зголемат минималната и другите плати.
Ако се споредат пресметките што ги прави Сојузот на синдикати и она што го правеше Државниот завод за статистика, може да се забележи дека се речиси исти производите што влегуваат во потрошувачката кошничка. И двете кошнички ги содржат основните прехранбени производи како: леб, брашно, тестенини, ориз, шеќер, кафе, какао, јајца, млеко, вино, пиво, безалкохолни и алкохолни пијалаци, кутија цигари, млеко, кисело млеко, јогурт, сирење и други млечни производи.
Во делот на овошјето, во пресметките на Државниот завод за статистика ставени се: јаболката, крушите, црешите, грозјето, кајсиите, праските, тропското овошје, лубениците, дињите и преработките од овошје, а истото овошје се среќава и кај синдикалната потрошувачка кошничка, со тоа што место тропско овошје, посочени се бананите, лимонот и портокалите. Иста е ситуацијата и кај зеленчукот, месото и кај рибата.