И покрај тоа што беше најавено на вчерашната седница на Економско-социјалниот совет, не се расправаше за зголемување на платите. На седницата, синдикатите, работодавците и Владата требаше да се договорат за висината на минималецот, за кој не стана збор. Од Сојузот на синдикати на Македонија се разочарани, бидејќи на седницата нема точка за зголемување на платите, туку ќе се разгледува само минималната потрошувачка кошничка. Владата е со став дека ќе прифати договор за минималната плата што ќе го постигнат работодавците и синдикатите, но не прифаќа да плаќа дел од придонесите, бидејќи тие се обврска на работодавците. Работодавците сметаат дека секое покачување што ќе го издвојат во износ од 1.000 до 9.000 денари треба да биде помогнато од Владата, преку социјалните придонеси, а понатаму, со зајакнување на економијата, да има шанси да се исплаќа од нивна страна, во целост. Тие се и за повисок минималец од 450 евра само ако субвенционира Владата дел од придонесите.
– Изгледа, ќе нè убедуваат дека се живее добро во Македонија и дека нема потреба од зголемување на платите. Цело претседателство дојде тука за да дискутираме и за да побараме прва точка на дневен ред да биде растот на платите во приватниот и во јавниот сектор – изјави првиот синдикалец во државата, Слободан Трендафилов, пред почетокот на седницата на Економско-социјалниот совет.
Колку ни е добро, покажаа граѓаните со петочниот бојкот на трговијата. Според претседателот на ССМ, граѓаните бојкотираа бидејќи им е скап животот и не може да се прехранат или во практика „секој ден двајца јадат, двајца гледаат“.
– Изминатиот период одржавме средби и со работодаваците и коморите и, горе-долу, ги знаеме нивните првични гледишта. И тие сметаат дека треба да се зголеми минималецот. Се разбира, треба да најдеме начин како да субвенционира Владата дел од придонесите за работодавците да ја дадат сумата што сами ја посочија (500 евра) или, пак, одреден период тие да бидат ослободени за давачките за платите, со што сметаме дека ќе се елиминираат сивата економија и платите во плик, кои ја чинат државната каса приближно 250 милиони евра – рече Трендафилов.
Според него, сите се за раст на платите, оти е недозволиво платите само во Македонија да стагнираат и да не се зголемуваат, а во Србија, Бугарија, БиХ, Црна Гора… минималецот да се движи од 457 до 1.000 евра. Инаку, минималната плата во моментот изнесува 365 евра, а од ССМ бараат зголемување од околу 100 евра, односно таа да биде 450 евра.
Властите велат дека ќе го прифатат секој договор меѓу работодавците и синдикатите, но обврските кон државата мора да се плаќаат од работодавците.
Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати го префрли прашањето за минималната плата на договор меѓу работодавците и синдикатите и изјави дека Владата ќе прифати решение што ќе го договорат тие.
Работодавците велат дека се за повисока минимална плата од 450 евра ако субвенционира Владата дел од придонесите.
– Нашиот предлог е за покачувањето од 1.000 до 9.000 денари да може да ни помогне државата околу придонесите. Секое покачување што ќе го издвојат работодавците во износ од 1.000 до 9.000 денари да биде помогнато во рок од една година, од Владата, преку социјалните придонеси, а понатаму, да се надеваме, со зајакнување на економијата, да има шанси да се исплаќаат во целост. Од моменталните 24.800 денари, кои ги очекуваме во март, до 34.000 денари да има субвенции во социјалните придонеси. Тоа е околу 9.000 денари. Предлогот на синдикатите е 27.000 или 450 евра, но ние имаме шанси, ако бидеме поддржани од Владата со социјалните придонеси, да бидат зголемени тие плати за да постигнеме и малку поголем износ на минимална плата во регионот. Тоа значи дека понатаму би го договарале минималецот со колективни договори во секој сектор, но основата на покачувањето секоја година во март да биде согласно со утврдената методологија, а со посебни колективни договори со синдикатите да има плус покачување. Тоа се некои решенија што ги предлагаме ние, синдикатите имаат нешто слично, но најважно е да остане бројот на компании и на вработени – рече Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Тој напомена и дека наглото покачување на минималната плата е голем товар за микро, малите и за средните фирми, особено во занаетчиската дејност.
Според претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски, мора да им се помогне барем на најсиромашните работници.
– На дневен ред не е точката за минималната плата, треба да се разговара за потрошувачките кошници. Во последно време, сè повеќе се зголемуваат цените на мало за основните прехранбени производи, што се случува од 2021-2022 година. Цените одат сè погоре. Заеднички треба да најдеме модел како да ги зауздаме да може платите, кога се покачуваат, да имаат вредност и инфлацијата да биде на стабилно ниво. Ние бараме начин како да им се помогне на најсиромашните работници, околу 20.000, кои земаат минимална плата – истакна Ралповски.
Согласно со законот, во март треба да има усогласување на минималната плата, која, според пресметките, треба да се зголеми за 1.800 денари, што, според синдикатите, е малку во однос на трошоците за живот.
(А.С.)