Нема да растат ниту минималната, ниту останатите плати. Според најавите од Владата наредната година нема да се зголемат ниту платите на функционерите. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека тоа ќе се направи преку корекција на коефициентите на платите. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, пак, посочи дека минималната плата ќе расте ако расте и продуктивноста. Што се однесува до другите плати, рече дека ќе има раст на платите во образованието и здравството, согласно она што е договорено во колективните договори.
-Не знам како е, треба да видат одговорните лица. Едно е сигурно, покрај онаа работа дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, е дека од в година нема да има зголемување на платите на функционерите, кажа Мицкоски.
Инаку беше предвидено платите на функционерите од јануари 2025 година повторно да се зголемат согласно со растот на годишната просечната плата, која е основица за пресметување и тоа од околу 330 евра за највисоките функционерски плати за премиерот, претседателот и претседателот на парламентот, до околу 130 евра за најниските.
Од Сојузот на синдикати на Македонија за весникот ВЕЧЕР велат дека на последната средба на Економско социјалниот совет не е постигнат договор околу раст на минималната и останатите плати. Како што велат оттаму платите ќе растат само согласно со Законот за минимална плата и согласно колективни договори во образованието за здравството за 5 отсто годишно.
-Власта нема политичка волја да ја зголеми минималната плата. На последната седница на економско-социјалниот совет, освен што слушнавме дека буџетот нема финансиска кондиција за поголеми плати не слушнавме никаков предлог и идеја како да се подобри стандардот на граѓаните. Минималната плата согласно со Законот за исплата на минимална плата задолжително мора да се покачи во март. Но, според пресметките ќе биде зголемена само за 1.600 до 1.700 денари, што не е доволно да ги мотивира оние работници кои се на минималец и да ги задржи останатите работници во државата, изјави за ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Од Синдикатот не веруваат дека власта ќе најде начин да ги намали функционерските плати, имајќи предвид дека самата министерка за финансии рече дека ако ѝ се намали платата, ќе даде оставка.
-Законски ќе се зголеми само минималната плата, но не и останатите плати. Немаме реално усогласување на платите согласно колективните договори што ги имаме потпишано. Зголемување на платите ќе има само во образованието и здравството од 5 отсто, согласно колективните договори, вели Пешевски.
Со минимална плата, која во моментов изнесува 367 евра, Македонија и натаму е меѓу земјите со најниски минимални примања во Европа. Главните причини за тоа според економски експерти се бавната реализација на инфраструктурните и други капитални проекти, но и привлекувањето на странски инвестиции.
Според економските експерти БДП реално расте само преку инвестиции. Ако нема инвестиции, нема економски раст, а и платите не растат, што се потврди изминативе месеци. Според анализите и покрај покачувањето на минималната плата последниве неколку години, таа сè уште е ниска.
Минималната плата во Црна Гора изнесува 450 евра, Србија 423 евра, Босна и Херцеговина 450 евра, Хрватска 840 евра (бруто), Словенија 1.253 евра (бруто), а Албанија 385 евра.
Податоците на Светската банка од изминативе години покажуваат дека во земјава и натаму има илјадници луѓе кои живеат во сиромаштија.
Во студијата се вели дека 2023 година завршила со 86.405 луѓе кои живеат екстремна сиромаштија и дека 519.452 умерено сиромашни. Поповолното сценарио за истата година предвидело да има 70.084 екстремно сиромашни и 439.022 кои живеат во умерена сиромаштија.
(А.С.)