По најавата за протест на 14 јануари на вработените во дел од министерствата, доколку не се прифати барањето да добијат 30 проценти додаток на плата, министерот за јавна администрација Горан Минчев изјави дека протестот е демократско право. Во интервју за ТВ 24, тој кажа дека тоа прашање треба да се разговара со повеќе министерства, пред се во Министерството за финансии, „за евентуални дополнителни средства“ во државниот буџет со кој ќе се овозможат тие 30 отсто.
-Јас сметам дека таа сума е преголема. Факт е дека платите во администрацијата се мали, но постојат две опции – еден колективен договор за сите, но и индивидуални колективни договори за секоја институција посебно, рече Минчев.
На прашањето дали ќе им се одговори на барањата на вработените со зголемување, одговори дека тоа ќе биде доколку се најдат средства што ги обезбедува Министерството за финансии, нагласувајќи дека е потребно време затоа што затекнале „огромни дупки во буџетот“ и, како што рече, „не може преку ноќ да се решат проблеми наталожени 30 години наназад“.
Минчев истакна дека во изминатите пет месеци е креиран овој пакет четири закони кои, рече, се „почеток на реформи во јавната администрација“, и дека биле вклучени синдикати, експерти, академската фела, невладини домашни и странски организации и сите засегнати страни. Со новите законски решенија треба да се реформира администрацијата во која, како што рече Минчев, само 30 до 40 проценти од административците си ја работат работата, има одреден дел што воопшто не работат, во некои институции има дефицит од кадар, а некаде, пак, превработеност.
-Поради тоа, мора да се направи добар баланс, да се изврши преедукација на оние кои веќе се затекнати во јавниот сектор, со цел да бидат вклучени во процесот и извршување на своите работни задачи, односно, народски кажано – да ја заслужуваат својата плата, рече Минчев.
На прашањето зошто Министерството за јавна администрација нема колективен договор, тој одговори дека колективен договор се носи кога ќе бидат обезбедени пари.