Не е важно кога ќе биде донесено законското решение за правична застапеност, тоа треба да биде направено солидно и да не е предмет на политики и партии, истакна вчера министерот за јавна администрација Горан Минчев. Тој вели дека законското решение треба да биде содржајно, квалитетно, долгорочно и да има вистинска примена. Минчев посочи дека во врска со ова законско решение, треба да бидат вклучени експерти од областа на Уставот и дека втората фаза на имплементација на законското решение е многу поважна од временскиот период кога ќе биде донесено.
-Правичната застапеност на етничките заедници е уставна категорија, која произлегува од Охридскиот рамковен договор. Во рамки на тоа посебно законско решение, мојот став беше тоа да биде направено солидно и да не е предмет на партии и политики, затоа што такви законски решенија не доведуваат во состојба како минатото законско решение, кое беше предмет на оценка на Уставниот суд. Кога ќе биде креирано такво Нацрт предлог законско решение, тоа треба да биде испратено до Венецијанската комисија, да добиеме позитивно мислење и после тоа да го почнеме процесот на носење на тој закон, рече Минчев.
Според Минчев, кога не постоел балансерот имало поголем број на вработувања на етничките заедници, отколку кога е воведен.
-Многу фама се крева околу укинувањето на балансерот, но статистичките податоци го велат следното – Од 2001 до 2015 година не постоел балансер како дигитална алатка за правична застапеност на етничките заедници, а од 2015 година е воведен и траел до одлуката на Уставниот суд за негово укинување, во 2024 година. Интересен е податокот дека во овој период, кога не постоел балансерот имало поголем број на вработувања на етничките заедници, отколку кога е воведен, додаде Минчев, кој на седницата за пратенички прашања во четврткот, потенцираше примери за злоупотреби, кога Агрон, Фатмир и Исмет биле регистрирани како македонски имиња, Ангеле и Стојан како албански, а Зоран како бошњачко име.
Во презентацијата на реформите во јавната администрација, Минчев вчера најави дека ќе се укине Инспекцискиот совет и со тоа ќе и се заштети на државата 255.000 евра годишно. Тој најави дека со оваа реформа ќе почне трансформацијата на јавната администрација во сервис на граѓаните.
Министерот рече дека 11-те вработени во Инцпекцискиот совет нема да ги загубат работните места туку ќе бидат трансферирани во Министерството, но седумте членови на Управниот совет, кои земале од 2.000 до 2.500 евра надомест за два состанока месечно – ќе останат без ангажман и ќе се заштедат на тој начин 255.000 евра годишно.
Министерот посочи и дека има дефицит на луѓе кои што конкурираат во јавната администрација, затоа што платите во администрацијата се мали и најави зголемување.
-Се уште не размислуваме за намалување на јавната администрација и префрлување во приватниот сектор, но можам да кажам дека имаме дефицит на луѓе кои што конкурираат во јавната администрација. Платите се навистина мали. Оттаму со овие предлог-законски решенија, ценејќи го трудот, просечната бруто-плата од 1-ви март треба да порасне за 8%. Не можете да вработите ИТ-инженер во јавната администрација и да му кажете дека почетната плата ќе му биде 450 или 500 евра, кога истиот тој работејќи од дома, зема околу 2000 евра како ИТ инженер, рече министерот за јавна администрација, Горан Минчев и додаде дека никој не е венчан за јавната администрација и кој сака може да премине во приватниот сектор.