Минчев: Изјавата на Меџити за масовни вработувања е класичен пример на предизборен популизам, тој да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата

514

Изјавата на вицепремиерот Меџити на партиски настан за масовни вработувања во јавната администрација во период од една година е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа, реагира денеска Горан Минчев, министер за јавна администрација.

Тој денеска одговори на новинарско прашање на весникот ВЕЧЕР за коментар во однос на синоќешниот настап на вицепремиерот Изет Меџити во Шуто Оризари каде најави „масовни вработувања на Амбанците во државните и јавните служби за само една година“. Министерот Минчев наведе дека такво нешто „не е реално“.

-Би го замолил г-динот Меџити да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување. Јасно и недвосмислено потенцирам дека сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции и во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Секое вработување се заснова на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите, а не на партиски ветувања или политички притисоци – потенцира Минчев.

Тој додава дека Министерството за јавна администрација е цврсто посветено на почитувањето на мерит системот, што значи дека вработувањата и унапредувањата во јавниот сектор мора да се темелат исклучиво на квалитетот и способностите на кандидатите, а не на нивната етничка или политичка припадност.

-Политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите кои имаат за цел создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација. Јавниот сектор не е предизборен пазар каде што се раздаваат работни места во замена за политичка поддршка. Граѓаните на Република Македонија заслужуваат институции кои работат професионално и транспарентно, а не администрација изградена врз база на популистички ветувања. Затоа, апелирам на одговорност и реален пристап кон јавните политики, а не на нереални ветувања кои служат само за собирање политички поени во пресрет на изборите – нагласи министерот. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ