Минатиот месец беше најтопол јануари во историјата, а 2024 најтопла година

9

Минатиот месец беше најтоплиот јануари досега, соопшти Европската служба за климатски промени „Коперник“.

Резултатите од истражувањето се такви и покрај  очекувањата на научниците дека поладните услови на климатскиот феномен „Ла Ниња“ би можеле да го забават рекордното глобално затоплување.

Просечната температура минатиот месец била 13,23 Целзиусови степени, што е за 0,79 степени над просекот за јануари во периодот 1991-2020 година, пренесува „Индипендент“.

Како што е соопштено, јануари 2025 година бил 1,75 степени над прединдустриските нивоа.

Научниците се надеваа дека појавата на „Ла Ниња“ ќе го забави рекордното глобално затоплување, но минатиот месец рекордот беше соборен за 0,1 степен, пишува британскиот весник.

„Ел Нињо“ и „Ла Ниња“ се два климатски феномени во Тихиот Океан кои влијаат на временските обрасци низ целиот свет. Ветровите на Пацификот генерално дуваат од исток кон запад, предизвикувајќи топлата вода да се движи кон западниот Пацифик.

„Ел Нињо“ се случува кога овие ветрови слабеат или ја менуваат насоката, предизвикувајќи водата во источниот дел на Пацификот, во близина на брегот на Америка, да биде потопла од вообичаено.

За време на периодите на „Ла Ниња“ ветровите од исток кон запад стануваат посилни, па топлите води се движат уште позападно, кон бреговите на Австралија и Југоисточна Азија. Поради ова, студената вода се „издигнува“ од длабочините на океанот, со што температурата на површината на морето е пониска во просек, особено во Америка.

Овие појави се случуваат периодично, на секои две до седум години и обично траат од девет до 12 месеци.

„Коперник“ веќе потврди дека 2024 година ќе го постави новиот годишен рекорд како најтопла година досега и прва со затоплување од над 1,5 степени Целзиусови.

– Земјата ги доживеа најтоплите јуни и август, најтоплиот ден досега и најжешкото лето досега. Оваа низа рекордни температури ја зголемува веројатноста 2024 година да биде најтоплата година досега, изјави заменик-директорката на „Коперник“, Саманта Бурџис.

Таа додаде дека температурите во иднина ќе бидат поинтензивни ако не се преземат итно мерки за намалување на стакленичките гасови.

ИЗДВОЕНИ