Еко-патролата на ЈП Комунална Хигиена, минатата година изготвила и врачила 334 едукативно-информативни записници за граѓани и правни субјекти што биле затекнати при одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.
Како резултат на овие активности, од страна на сторителите биле расчистени 894 кубни метри непрописно одложен отпад.
Најголем број на записници-вкупно 138, биле изготвени во скопската општина Чаир.
-Во текот на минатата година, Еко-патролата реализираше и секојдневни интервентни патролни дежурства на таканаречените „црни точки“ – локации каде што е забележано континуирано непрописно одлагање отпад. Најголем дел од овие локации се наоѓаат во скопските општини Чаир и Ѓорче Петров – информираа од ЈП Комунална Хигиена.
Оттаму додаваат дека во општината Чаир, секојдневно непрописно се одлага отпад на булеварите „Никола Карев“ (Пластичарска улица, на аголот со улицата „Максут Садик“) и „Крсте Мисирков“ (до Зегин на Бит-пазар), како и улиците: „Џон Кенеди“ (до ООУ „Васил Главинов“) и „Славеј Планина“ (во непосредна близина на скопското Теќе), додека во општината Ѓорче Петров станува збор за повеќе локации на улиците: „Лука Геров“, „Борис Сарафов“, „Ѓорче Петров“, „Христо Батанџиев“ и „Македонска војска“.