Во денеска објавениот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на Агенцијата за вработување за 2023 година се нотирани сериозни слабости во спроведување на мерките за вработување и проблеми во распределбата на средствата.
Ревизорите утврдиле дека мерките за вработување не се спроведувале според принципот на рамномерен регионален развој и посочуваат дека во скопскиот плански регион, биле надминати четирикратно, додека во други региони, како централниот и источниот, се исплатени значително помалку средства.
Ревизорите откриле и слабости во активностите за обука на напредни ИТ-вештини посочувајќи дека само 22 насто од кандидатите кои ги завршиле обуките за напредни ИТ-вештини успешно го положиле испитот. Заклучокот на ревизорите е дека оваа мерка не го постигнала посакуваниот ефект, бидејќи за оваа активност 2023 година биле исплатени 87.080.000 денари (1,4 милиони евра), што е повеќе за 54 проценти од 2022 година.
Исто така, ревизорите утврдиле слабости и пропусти и во начинот на реализација на постапката за јавна набавка за огрев (пелети) во вкупен износ од 2.100.000 денари, односно 34 илјади евра кај која пазарните цени на пелетите во моментот на испораката биле повеќе од двапати пониски од цената по која била спроведена оваа постапка.
Ревизорите забележале дека не се склучени менаџерски договори за директорот и заменикот директор на Агенцијата, што е спротивно на одредбите на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
За исплата на средства за паричен надоместок, во случај на невработеност, во 2023 година биле исплатени средства во вкупен износ од 1.305.639.000 денари, односно 21 милион евра, истите бележеле тренд на намалување во однос на 2022 година, односно биле исплатени помалку средства во износ од 102.071.000 денари.
(С.Бл.)