„Милениумска патека“ на Сува Гора ја поминаа 170 учесници

28

Успешно се одржа најавената планинарска акција за „Милениумска патека“, на планината Сува Гора, која седма година по ред ја организираше планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово. Оваа планинарска тура, која е наменета за почетници и рекреативци претставува и можност за запознавање со големото и богато културно наследство во овој регион, а воедно има и едукативен карактер.

– Годинава имавме 170 планинари од голем број градови од државата, а групата освен низ шумскиот предел имаше прилики да посети и седум цркви и археолошкиот локалитет Граиште кај селото Стенче. Имавме одлични услови за планинарење и дружење, имавме сончево и топло време – истакна Борис Стојановски, претседател на ПК „Јелак“.

Како и секоја година досега по организираниот превоз од Тетово движењето низ шумските предели почнува од крајот на селото Блаце. Таму прво се стигнува до месноста Самовилска Вода и црквата „Света Троица“.

– По краток престој и одмор, од Самовилска вода заминававме кон атарот на селото Стенче, поточно до црквата „Света Петка“. Овој предел претставува единствена нагорнина која ја искачуваат планинарите и претставува движење од 720 до 880 метри надморска височина. По краток престој пак се движевме и стигнавме до археолошкиот локалитет – месност „Граиште“, исто во Стенче каде што слушнавме за значењето на ова место во ранохристијанскиот период и ширење на православната вера. Оттаму, стигнавме до црквата „Свети Илија“, за мал одмор, по што следуваше црквата „Света Екатерина“ каде што имаше најголема пауза за одмор, јадење, пречек од домаќините со чај, овошје и благо, како и едукативно предавање за храмот и светителката – информираше Стојановски.

Крајниот дел од турата беше предвиден за посета на двете цркви во селото Волковија. Таму се посети месноста Волковска Чука и црквата, „Свети Георги Победоносец“, а имаше движење низ пределот каде е сниман култниот македонски филм „Македонска крвава свадба“. Акцијата заврши со посета на црквата „Свети Мина“.