Непозната служба во станбениот комплекс – East Gate Living извршила заловување на бездомни кучиња микрочипирани од прифатилиштето на ЈП „Лајка“ и со ушни обележја на Град Скопје.
Од претпријатието претпоставуваат дека истата служба веројатно постојано извршува таков вид на приватни услуги и како што прави одлив на кучиња овој пат, во следен сигурно прави и прилив.
При тоа, од ЈП „Лајка“ апелираат до сите, доколку некој ги препознае овие лица или возилото да им се обрати веднаш и додаваат дека случајот ќе биде пријавен до надлежните институции за понатамошна истрага.
Директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева вели дека таквото заловување било нарачано од приватни лица, со образложение дека им пречеле, а потоа тие кучиња се дислоцирани, а не се знае каде. На тој начин, нагласува таа и се внесуваат кучиња во Скопје.
-Ние имаме Програма според која заловените кучиња по нивниот третман ги враќаме на локацијата од која се заловени, и тоа е со причина. Не може по сопствено убедување да се заловуваат кучиња и да се дислоцираат. Со тоа се прекршува законот. Од друга страна, кучињата кои се дислоцираат од една на друга територија стануваат поагресивни, во потрага се да најдат засолниште, како и храна, но и се тепаат со кучиња кои дотогаш биле на територијата на која се доинесени новодојдените – објаснува Пешева.
(А.П.)