Поранешниот шеф на Ферари и почесен претседател на ФИА, Жан Тод, е еден од ретките луѓе што остваруваат редовен контакт со легендарниот Михаел Шумахер.
Тод му беше шеф на Шумахер во текот на неговата неверојатна доминација во Формула 1 од 2000 до 2004 година, во период во кој освои голем број титули.
Двајцата останаа блиски дури и откако реши германскиот возач да се пензионира во 2006 година. Тие продолжија да се дружат надвор од границите на Ф1-светот.
Тод откри дека редовно се гледа со Михаел и со неговото семејство и дека во текот на секоја средба го обземаат чувства на љубов, среќа и почит.
- Често одам да ги видам него и неговото семејство. Нашиот однос оди подалеку од оној работниот во минатото. Тој е дел од мојот живот, живот што денес е многу подалеку од Формула 1 – изјави Тод за италијанска „Ла Република“.
По тешката несреќа на скијање во 2013 година, Шумахер се здоби со тешки повреди на главата, поточно на мозокот и со месеци беше во индуцирана кома, а семејството одлучи да ја чува неговата здравствена состојба во тајност.
Тод целосно ја почитува одлуката на семејството.
- Семејството одлучи да не одговара на прашањата за неговата состојба. Тоа е нивни избор, кој јас го почитувам – додаде Тод.
Во текот на својата кариера, Шумахер беше предмет на критики поради контроверзните потези на патеката и самоувереното однесување надвор од неа.
Сепак, Тод истакнува дека Михаел Шумахер често бил погрешно разбран.
- Шумахер е пријател, брат и напиша историја – вели Тод.
Тој на крајот се осврна на достигнувањата на Шумахер како прв возач што освоил шест, а потоа и седум шампионски титули, подвиг што подоцна, во 2020 година, го повтори Луис Хамилтон.
- Можеби изгледаше арогантно, но, всушност, беше многу срамежлив – заклучи Тод, потсетувајќи нè на вистинската природа на возачот што ја обележа доминацијата на Ферари и постави високи стандарди во Формула 1.