Премиерот Христијан Мицкоски денеска се сретна со 19-годишниот херој Јован Костадинов oд Виница, кој спаси 20 лица од пожарот во дискотеката во Кочани.
Тој му подари стипендија во висина од 18 илјади денари за која кажа дека е од една општествена компанија.
„Јован, со само 19 години, влезе во запалениот објект во Кочани и спаси 21 живот. Без размислување, со голема присебност и посветеност, тој направи нешто што малкумина би се осмелиле да го сторат. Јован не е само херој на оваа трагедија, тој е симбол на една нова генерација која знае да направи разлика. Од неговиот чин се учи како да се биде човек, како да се биде достоинствен и несебичен во моментот кога тоа најмногу значи. Бев информиран дека ќе биде доделена стипендија за Јован Костадинов, како знак на признание за неговата храброст и човечност. Алкалоид, како општествено одговорна компанија, ја презеде оваа иницијатива и на тој начин покажа дека ги препознава и вреднува ваквите светли примери. Благодарност до сите што помагаат во овие тешки моменти за државата и народот. Јован е светла точка во деновите на темнина. Неговото име ќе остане запаметено, а неговиот пример треба биде уште поголема инспирација за да бидеме подобри, посилни и похрабри граѓани на нашата Македонија“, вели Мицкоски.
Момчето за време на пожарот во дискотеката во Кочани, ја натопило својата маица, го покрило лицето со неа и тргнало во спасувачка акција во опожарениот објект.
Неговите соученици го пречекаа со аплауз откако се врати од болница.