Иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет ќе поднесат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Ова утринава го најави партискиот лидер и премиер Христијан Мицкоски во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук.
Во објавата тој наведува дека според негово убедување Судскиот совет останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата.
– На државата и граѓаните им е потребна правда, а правда може да се добие со длабоки реформи и сериозни промени наспроти досегашните пракси на злоупотреби кои имаат пуштено длабоки корени во системот. Македонија мора да се бори против своето корумпирано мочуриште кое ја држи заробена и заложник и е причина за нејзино пропаѓање и разочарување кај многу од граѓаните. Затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој според мое длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата. Македонија мора да победи! – објави Мицкоски.