На прес-конференција во Владата, премиерот Христијан Мицкоски рече дека владата ќе покаже одлучни чекори и одлуки, за да се реши кој е одговорен за пожарот во дискотеката во Кочани, во која загинаа најмалку 59 лица.
„Во мојот живот сум имал многу тешки моменти и предизвици, но ова денес е убедливо најтешкиот ден од мојот живот. Ми се кине срцето и немам сила да говорам денес. Скршен сум и мојот дух е срозен.
Јас во својот живот и во својата кариера сум се одлучил да делувам принципиелно, одговорно, чесно и отворено, без разлика на ризиците и без разлика на последиците кои тие ризици можат да ги донесат по мојот животен пат. Влегов во политиката да променам нешто. Наидов на систем длабоко корумпиран кој е создаван и негуван со децении, чиј дел се лица од сите партии, од секакви профили. Тој систем ако не се сруши оваа држава нема никогаш да ја биде и тој систем не може да се сруши лесно и брзо, затоа што е граден со децении, не со месеци и години“, рече Мицкоски.
„Очекувајте кога станува збор за одговорност, дека нема да има милост. Ќе мора да има одговорност со име и презиме. Во хируршки прецизна акција на институциите. Без милост.
И второ, еднакво важно. Потребна е демонстрација на морална одговорност. И многумина ми велат народот знае дека Владата нема вина во ова, дека е нова Влада која влезе во костец со проблеми таложени со децении и систем на корупција кој е создаван со децении во државата, но јас ви велам без разлика на тоа, ние мора да бидеме пример кој ќе има значење и вредност и мора да има морална одговорност.
И јас по ова прашање немам дилеми, ниту пак ќе калкулирам. На мене не ми е потребна власт по секоја цена, но јас сум тука да се борам и да демонстрирам со личен пример како сметам дека треба понатаму, и што доколку се откажеме“, рече Мицкоски.