Мицкоски: Македонското прашање не е затворено, подготвен сум прв да иницирам средба со новиот бугарски премиер

139

Македонското прашање не е затворено, но ќе ве молам да се навикнете на Влада на која што прв приоритет на претседателот на владата му е македонското прашање, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски за време на посетата на општина Петровец.

Одговарајќи на новинарксо прашање врзано за реакциите на неговата изјава во САД, тој рече дека постојано ќе се бори за македонското прашање.

-Не знам каде се препознале, дали можеби имаат грижа на совест, па работи потсвеста. Фројд е чудна работа, но јас нема да навлегувам во таква дебата. Македонското прашање никогаш нема да биде затворено додека главните и стратешки цели не се реализират, а тоа е полноправна членка на ЕУ, прво, изјави премиерот Мицкоски. Тој додаде дека би било неодговорно, несериозно, издајнички од него ако каже дека македонското прашање е затворено.

-Не е затворено и ќе се борам за македонското прашање сè додека ја вршам оваа улога која што ја вршам, а тоа е претседател на македонската Влада, бидејќи тоа граѓаните го очекуват од човекот кој што ја предводи македонската Влада. Јас знам дека во минатото имало луѓе кои што ја предводеле македонската Влада, кои што македонското прашање воопшто не им било ниту меѓу првите 10 приоритети, но ќе ве молам да се навикнете на Влада на која што прв приоритет на претседателот на владата му е македонското прашање, дециден беше Мицкоски во одговорот на новинарското прашање. Тој додаде дека е подготвен прв да иницира средба со новиот бугарски премиер.

Апсолутно би презел прв чекор за првата средба. Би сакал да се сретнам, да аргументирам, да разговарам. Нашите ставови и позиции ги знаете и тие не се променети. Со билатералните прашања не може да ги браниме европските вредности. Со тоа ние ги браниме европските вредности спроти оние кои ги злоупотребуваат своите позиции во рамките на ЕУ – рече тој.

Посетата на САД тој ја оцени како историска. –

Посетата беше историска и мислам дека како држава Македонија влеговме во оптиката на луѓето коишто имаат најгласен звук во периметарот на претседателот Трамп – нагласи Мицкоски. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ