Мицкоски: Има достоинствено решение на маса, а тоа се уставни измени со одложено дејство

160

Премиерот Христијан Мицкоски не отстапува од ставот за уставни измени со одложено дејство, иако вели дека е подготвен да разговара со бугарските власти, но само за достоинствено решение, какво што се уставни измени со одложено дејство. Премиерот рече дека погрешно се интерпретира изјавта на министерот за здравство и лидер на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари од коалицијата Вреди, кој според дел од медиумите во телевизиско гостување истакнал дека „Мицкоски беше против Коридорот 8 и Преспанскиот договор, но ги прифати, ќе ги прифати и уставните измени, но бара гаранции“.

-Мислам дека не е тоа така кажано како што вие го цитирате. Ниту сум бил против Коридорот 8, а да, точно, сум бил против Преспанскиот договор, откако по насилен пат се носеа пратеници да гласаат за уставните измени и откако сето тоа стана реалност, уште во опозиција пред 4-5 години, реков не можеме да ја игнорираме реалноста. Но никогаш не сум бил против коридорот 8. Тоа што вие го цитирате не беше така кажано од господинот Таравари, но во духот на растурање на пердувите ние ќе се обидеме да ги фатиме. Јас категорично ве демантирам дека така беше кажано. Ниту сум бил против Коридорот 8, а да сум бил против Преспанскиот договор. Ако станува збор за уставните измени, во ред, ние можеме да зборуваме за уставни измени, но истовремено може да зборуваме и за други работи кои ние ги бараме и кои се дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, позади која застанаа повеќе од половина милон граѓани и јас немам намера ниту милиметар да се поместам од тоа што сум го кажувал, го кажувам и ќе го кажувам во иднина. Барам решение, достоинствено решение, имаме достоинствено решение на маса, а тоа се уставни измени со одложеноп дејство. Повелете да разговараме, рече Мицкоски.

Дел од медиумите пренесоа дека Таравари, во телевизиско гостување во емисијата Дејли Клик на ТВ21 изјавил дека премиерот Мицкоски бил против продолжувањето на изградбата на Коридорот 8 и Преспанскиот договор, но дека ги прифатил. Таравари рекол дека и уставните измени ќе ги прифати, но, како што рече, Мицкоски сака некакви гаранции.

-Беше против Коридорот 8, но денеска се работи посилно од кога било. И за Преспанскиот договор имаше противење, но тој денес го прифати Преспанскиот договор. Третата работа што треба да го направи г. Мицкоски, а јас се надевам дека ќе ја направи, ме радува фактот дека тој е убеден и сигурен 100 проценти дека ние секако дека треба да одиме на патот кон ЕУ. Сега имаше избори во САД, имате во предвид дека, тој има блиски пријатели кои се блиски со претседателот Трамп. Но и во Бугарија немаше влада до пред една недела, бидејќи и за да се движат овие работи, треба да имаш некого од другата страна со кого да преговараш. Така што, многу сум среќен и сигурен дека г. Мицкоски сака и е сигурен дека ние треба да ги почнеме преговорите, но и тој сака некакви гаранции, рекол Таравари на гостувањето и додал дека Вреди една година бараат да се изгласаат уставните измени и ќе иницираат што побрзо тие да се донесат.

Претходно, премиерот, пак, во однос на македонското членство во ЕУ и конечното формирање на политичка влада во Бугарија, изјави дека македонската Влада останува на своите позиции дека членството треба да се исполни според постигнувања, а не според билатерални спорови. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Мицкоски истакна дека е подготвен да разговара за надминување на проблемот со бугарските власти.

-Немам проблем да иницирам средба со Бугарија, ние сме соседи и логично е да иницираме таква средба, да се запознаеме, колеги сме, соработуваме, заедно сме во НАТО. Апсолутно ќе побарам средба, рече Мицкоски и додаде дека на таа средба треба да се види дали може да се надминат разликите околу тоа како ние го гледаме патот на Македонија до полноправно членство во Европската Унија и како тие го гледаат.

-Тука е разликата генерално, затоа што ние секако за иста тема имаме различни гледишта. Ние имаме наша стратегија, суштината е една, а тоа е дали нас после две децении ќе ни биде дозволено да го почнеме процесот на преговори и истиот да се вреднува според постигнување, а не по билатерални спорови. Да видиме дали тука можеме да се најдеме, па потоа да бараме решение за се останато, изјави премиерот Мицкоски.

Деновиве, евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека ЕУ делегацијата во земјава ќе се фокусира да ѝ помогнеме на земјава да ги имплементира реформите, а Македонија треба да го искористи моментумот во процесот на проширување. Рокас потврди дека постои интензивна дипломатска активност за евроинтеграциите на земјава, но не даде конкретен одговор дали по изборот на нова влада во Софија, се очекува Македонија и Бугарија да седнат на маса за решавање на проблемот и дали ЕУ би се нашла во улога на медијатор во тој процес. Во исто време, од Софија пристигаат пораки дека го поддржуваат проширувањето на ЕУ, но според заслуги, како и дека очекуваат политичка волја од раководството во Скопје за спроведување на договореното од 2022 година со што ќе го отворат патот на земјата кон преговори за полноправно членство во ЕУ. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ