Мицкоски: Ако порано енергетиката беше поле за корупциски скандали сега е поле на инвестиции

274

АД ЕСМ со поволен кредит од германска развојна KfW Банка, почнува нов циклус инвестициски проекти во обновливи извори на енергија. За та цел вчера во Владата беа потпишани договори меѓу АД ЕСМ и Банкарска група KfW – германска јавна финансиска институција за поддршка на претприемништвото и на малите и средните претпријатија. Станува збор за изградба на фотоволтаичната електроцентрала „Битола 2“ и реализацијата на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“.

Средствата за овие два значајни проекти во износ од 55 милиони евра се обезбедени преку заем со државна гаранција потпишана од Министерството за финансии по исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс период од 5 години.

-Станува збор за два значајни проекти во обновливи извори на енергија во износ од 55 милиони евра од кои 47,3 милиони евра ќе бидат наменети за „Битола 2„ и 7,7 милиони евра за Богданци. Фотоволтаичната електроцентрала „Битола 2“ ќе биде сместена во РЕК Битола и ќе биде со капацитет од 50-60 мегавати, а се очекува да произведува од 80 до 90 гигавати електрична енергија годишно која ќе биде доволна за 20 илјади домаќинства, изјави премиерот Христијан Мицкоски по потпушувањето на договорот.

Тој додаде дека на овој начин ќе се намали и емисијата на јаглерод диоксид на 63 илјади тони годишно.

Во втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“, како што рече Мицкоски ќе бидат изградени четири ветерни турбини со вкупен капацитет од 13,6 мегавати со што вкупната инсталирана моќност на ветерниот парк ќе се зголеми на 50 мегавати и ќе произведува 37 гигават часови зелена енергија.

-На овој начин ќе обезбедиме поголема енергетска независност и поголема ефикасност во енергетиката. Ако порано енергетиката беше поле за корупциски скандали сега е поле на инвестиции. Се инвестираат 55 милиони евра, се обезбедува електрична енергија за 20 илјади домаќинства и заштита на животната средина, појасни Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ