Одлуките на Уставниот суд не се коментираат туку се спроведуваат. Ако Судот донесе одлука да се вратат 50. милиони евра од солидарниот данок, ние ќе ги вратиме. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека одлуките на Уставниот суд се конечни и не може да се коментираат.
– Ние враќаме многу работи што ги задолжиле претходните. Многу пати сум рекол дека нема да ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Ако донесат таква одлука мора да ги вратиме тие пари, нема што да правиме. Ќе скратиме од нешто друго и ќе направиме ребаланс. Воедно ќе ја разгледаме и можноста за кривична одговорност на тие кои донесоа одлука на ваков начин да се води економијата зашто дефакто Буџетот е оштетен, а може утре и камати да ни побараат ако донесе таква одлука Уставниот суд – рече Мицкоски.
Тој потсети дека тоа се пари што им праќаат на сите граѓани кои им припаѓаат на сите граѓани, а Владата само менаџира со нив.
– Ако Уставниот суд донесе одлука, наместо да правиме улици, училишта, булевари, експресни патишта, ние ќе ги вратиме парите затоа што некој се однесувал како што се однесувал – насилно дивеел и мислел дека е семоќен, но очигледно е дека ние ќе мора да плаќаме за тоа и ќе плаќаме и пак ќе успееме – рече Мицкоски.
Уставниот суд за 15-ина дена треба да донесе одлука за солидарниот данок од 50 милиони евра кои се веќе наплатени од претходната Влада од фирмите, кои во претходната година оствариле приход од над 10 милиони евра. Во образложението зошто се носи ваков закон за данокот на добивка беше дека „секој да учествува во намирувањето на јавните расходи во согласност со своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од кризата“. Од тогашната влада беше наведено дека овој данок ќе донесе во буџетот износ од околу 4,7 милијарди денари за 2023 година, што е рамно на 76,4 милиони евра.