Наследивме опљачкана и клекната на колена држава, која крзвнички и душмански се крадела, истакна македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска во обраќање пред пратениците, точно еден месец по формирањето на Владата.

Мицкоски рече дека во овие четири недели констатирале дека се трошат милиони евра во железница која завршува во тунел кој нема излез, половина милијарда евра пари на македонските даночни обврзници во измислени други тунели и подземни премини. Тој истакна дека се давани незаконски лиценци за игра на среќа, дека претпријатија свесно и намерно се оставани без исплата на плати, а буџетите безмилосно се трошени.

-Епа господа, бидете така затоа што многу скоро ќе има и одговорност. И нема да ве одмине. Затоа што верувајте дека нема да има напредок без одговорност, и нема да има правда без одговорност. И сите овие, но и многу други случаи кои се документираат во периодов ќе бидат предадени на надлежните органи, порача премиерот.

Тој испрати порака до граѓаните дека оваа Влада ќе донесе иднина и дека граѓаните ги чекаат подобри днеови.

-Додека една половина од денот носев инвестиции и двоевме повеќе пари за пензии и смислувавме решенија за проекти и градинки, другата половина од времето го трошевме за смислување на решенија за исплата на плати, да обезбедиме нормализирање на состојбите, да обезбедиме летала за пожарите, да најдеме пилоти, да измолиме помош од други држави, затоа што камен на камен не оставено. Навистина е тешко, но ќе победиме и ќе создадеме промени кои ќе донесат иднина и дека граѓаните ги чекаат подобри денови, рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека 30 дена е многу кус период, но оваа Влада започна фуриозно и одлучно, бескомпромисно во намерата да ги поправиме работите.

-Јас не побарав меден месец, ниту 100 дена грејс период каков што имала секоја влада, затоа што верувам во капацитетите на оваа Влада и она што можеме да го направиме за народот. И секоја одлука, секоја објава на инвестиција која ја направивме овие 30 дена, а ги имаше три големи објави за инвестиции, инвестиција вредна 450 милиони евра во ветерен парк во Штип, Карбинци и Радовиш, новата инвестиција на американски Вабтек 35 милиони евра, како и германско-белгиска инвестиција од 20 милиони евра во Петровец. Се донесе одлука за специјалната финансиска соработка со Унгарија и каматна стапка која е двојно помала од онаа којашто во моментов е пазарната, или би рекол двојно помала и повеќе од онаа со која претходната Влада ги задолжуваше граѓаните. Се донесе и одлука и за покачување на пензии, се направи ребаланс со кои се крпеа дупките и катаклизмата од грабежот кој го направи претходната Влада, рече Мицкоски во обраќањето на собраниската седница на која се гласаа замениците-министри во Владата, на кои им порача да работат чесно, посветено и одговорно и да не го разочараат народот.