Многу важно за Владата, состанокот што ќе го имаме в недела со банките да заврши успешно и конечно да почнеме со користење на заемот, во јавноста познат како унгарски заем, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
– Очекуваме тука да се акцелерира еден бран од најмалку 300 милиони евра, тоа е некаде 1,6 или 1,7% од нашиот вкупен домашен производ, плус имаме бран инвестиции во општините, кои се финансирани од страна на Владата. Станува збор за шест милијарди денари во овој циклус и 15 милијарди денари веќе следната година што ќе се реализираат преку Министерството за животна средина. Тоа се запоставени проекти од претходната влада и сега (ќе) се реализираат во делот на изградба на водоводи, канализациски системи, системи за третирање на отпадни води и слично – изјави Мицкоски.
Тој рече дека тоа се многу пари за македонската економија.
– Оваа зима ќе имаме два предизвика. Првиот ќе биде енергетската стабилност, а вториот кризата што се чувствува од Германија, посебно во автомобилската индустрија. За овие предизвици веќе се бараат и решенија како да се надминат. Со потпишување на меморандумот за разбирање меѓу ЕСМ и азербејџанскиот гигант Сокар ќе имаме стабилно и евтино снабдување со природен гас, што е многу важно за затоплувањето на скопјани, но и за производството на електрична енергија. Дотурот на јаглен и ископот веќе функционира најнормално, би рекол и повеќе од нормално. Блоковите на моменти произведуваат и по 200 мегавати, нешто што беше незамисливо во изминатите седум години – рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека сепак хидрологијата е проблематична, но очекува со есенските дождови и зимските снегови ситуацијата да се подобри и упати порака граѓаните да не се грижат.
Што се однесува за вториот предизвик, поврзан со економијата на Германија, премиерот Мицкоски смета дека е можно намалување на економската активност за некои од компаниите, кои се дел од автомобилскиот сектор. Но, негово мислење е дека овој предизвик може да се совлада со инвестиции.
– Затоа со овој бран што го кажувам од 300 плус 500 милиони евра, што е околу 800 милиони евра, мислиме дека на тој начин нема да се почувствува таа криза и нема да се афектира негативно на нашиот БДП – изјави Мицкоски.