Жителите од прилепските Ореовец, Крстец и Плетвар денеска го блокираа патот кон Плетвар и преку протест изразија незадоволство од отворањето на рударски коп кај Ореовец од страна на „Бехтел и Енка“ – изведувачот на автопатот Прилеп – Битола.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе се бара решение за овој случај и напомена дека досега единственото решение е да се користи варовникот од друго место, но тоа, како што рече, ќе бара вложување на дополнителни 18 милиони евра.

– Тоа се проблеми наследени од минатото. Претходната влада преземала обврска да ги реши имотно-правните обврски до средината на минатата година, во спротивно, месечно треба да плаќаме три милиони евра пенали. До сега требаше 36 милиони евра само по основ на пенали да плаќаме. Јас сочувствувам со сопствениците на населбата и сакаме да помогнеме. Досега единствено решение е да се користи варовникот од друго место, но тоа значи дополнителни 18 милиони евра – рече Мицкоски.

Според него, мора да се најде решение затоа што следниот чекор е арбитража, а доколку се изгуби спорот, ќе треба да се плаќаат финансиски средства.

– Потрошиле 300 милиони евра без никаков прогрес. До вчера протестираа во местото во близина на Гостивар, денеска протестираат во Прилеп, ќе продолжат овие протести, ние сме свесни дека тоа ќе се случи заради тоа што овој проект треба да се реализира затоа што ако не се реализира одиме на арбитража, на арбитража штетата ќе биде огромна – рече Мицкоски.