Денеска во македонската влада двата репрезентативни синдикати на здравствените работници во Македонија постигнаа историски договор со Владата на премиерот Христијан Мицкоски за зголемување на платите на вработените во здравствениот сектор.
-Постигнат е историски договор. Освен корекцијата на коефициентите, зборуваме за зголемување за 10 насто на платите, од март месец следната година имаме зголемување за нови 5 проценти на паричната маса која се издвојува за здравствените работници. Следната 2026-та од 5 до 7 проценти, во зависност од тоа во каква кондиција ќе биде буџетот. Се надеваме дека ќе биде во здрава кондиција, работиме на тоа. Истото тоа зголемување од 5 до 7 проценти ќе биде и во следната 2027-ма година, а од 7 до 10 проценти ќе биде во 2028-та година. Кога ќе го земете целиот овој период во низа, добиваме зголемување на паричната маса потребна да се исплатат платите на здравствените работници помеѓу 40 до 50 проценти во следните неколку години, навистина нешто што претставува историско, изјави на прес-конференцијата претседателот на македонската влада Христијан Мицкоски, кој изрази огромно задоволство што може да биде дел од овој историски настан, како и благодарност до синдикатите кои со свои идеи учествуваа во реализацијата на овој чин.
-За првпат во историјата се постигнува ваков договор кој на долг рок ќе ги корегира платите на здравствените работници, изјави Мицкоски.
Огромно задоволство изразија и двајцата претставници на репрезентативните синдикати на здравствените работници, кој овој историски чин го оценија како резултат на работата на двата синдиката, премиерот Мицкоски, министерката за финансии Димитриеска-Кочоска и директорот на Фондот за Здравство Клековски.
-Договорено е покачување на платите ќе биде силна мотивација за здравствените работници, но и прв чекор во подобрувањето на здравтвената грижа за сите граѓани, изјави д-р Предраг Серафимовски, претседател на Самостојниот синдикат на клинички центар.
-Благодарност до премиерот и владата за реализацијата на овој чин, со анексот на колективниот договор се корегираат коефициентите на здравствените работници, со зголемување од 3.650 денари бруто или 2.450 нето на плата, а кај медицинските сестри имаме корекција на платите од 5.700 бруто или 3.850 денари нето на плата, изјави д-р Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ.